20 Мај 2022•Ажурирај: 21 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази благодарност до Соединетите Американски Држави (САД) за одобрувањето на новиот пакет за поддршка на Украина од 40 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тоа е манифестација на силно лидерство и неопходен придонес за нашата заедничка одбрана на слободата“, рече Зеленски во видеообраќањето до нацијата неколку часа откако американскиот Сенат го одобри пакетот помош од 40 милијарди долари за Украина.
Повикувајќи на поголема финансиска поддршка додека земјата ја продолжува војната со Русија, Зеленски рече дека месечниот буџетски дефицит на Украина сега изнесува 5 милијарди долари.
„За да ја издржиме војната за слобода, потребна ни е брза и доволна финансиска поддршка. Тоа не се само трошоци или подароци од партнерите. Тоа е нивниот придонес за нивната сопствена безбедност, бидејќи одбраната на Украина значи нивна одбрана од нови војни и кризи што Русија може да ги предизвика“, нагласи Зеленски.
Тој ја обвини Русија дека извршила бесмислени бомбардирања во нејзината „специјална операција“ во Украина.
„Вооружените сили на Украина продолжуваат да го ослободуваат регионот Харков. Но, во Донбас, окупаторите се обидуваат да го зголемат притисокот“, рече Зеленски, додавајќи дека најмалку 12 лица загинале во „бруталното и апсолутно бесмислено бомбардирање на Северодоњецк“.
Тој, исто така, рече дека руските сили целосно ја уништиле индустриската зона на Донбас.
„Ова е намерен и криминален обид да се убијат што е можно повеќе Украинци. Да се уништат што е можно повеќе куќи, социјални објекти и претпријатија... Тоа е она што ќе се квалификува како геноцид врз украинскиот народ и зошто окупаторите дефинитивно ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, додаде претседателот на Украина.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), од почетокот на војната на 24 февруари во Украина загинале најмалку 3.778 луѓе, а 4.186 се повредени. Повеќе од 6,3 милиони луѓе побегнале во други земји, а 7,7 милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.