Murat Ünlü
12 Октомври 2016•Ажурирај: 13 Октомври 2016
СТРАЗБУР (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, по состанокот со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Педро Аргамунт, истакна дека штом се нормализира состојбата, ќе се укине вонредната состојба во државата, и дека соработката со Советот на Европа во текот вонредната состојба продолжува, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата, на заедничката прес-конференција, Чавушоглу потсети дека тој веќе 11 години работи во Советот, и рече дека Турција отсекогаш ги почитувала темелните вредности на оваа организација.
Изразувајќи ја својата благодарност по повод посетата во Анкара од страна на претставници на Советот по обидот за државен удар, Чавушоглу рече дека Турција нема да ја заборави оваа поддршка и солидарност со турскиот народ.
„Ги цениме препораките на Советот и ги земаме предвид. Моравме да ја продолжиме вонредната состојба, затоа што ситуацијата е многу комплицирана. Треба да бидеме сигурни дека нема да се случи ваков обид за државен удар уште еднаш, и дека народот нема уште еднаш да биде соочен со ваков случај“, рече Чавушоглу во врска со посетите од страна на претставниците на Советот.
Потенцирајќи дека во обидот за државен удар животот го загубија 241 лице, Чавушоглу потсети дека Франција, која е членка на Советот на Европа, само поради неколку терористички напади ја продолжи вонредната состојба во државата за една година.
Тој рече дека Турција не спроведува вонредна состојба поради терористички напади, но дека овој пат нема друг избор.
„Штом ја нормализираме состојбата, ќе ја укинеме вонредната состојба. Ја продолжуваме соработката со Советот на Европа во текот на оваа вонредна состојба. Пренесуваме информации за направените законски прописи. Овој процес се одвива транспарентно, во согласност со темелните вредности и договори на Советот“, истакна Чавушоглу.