АНКАРА (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК -
Турција може да игра „активна улога во инвестирањето, реализацијата на одредени проекти, во обновата и издигнувањето на Авганистан“, со ресурсите што ги поседува, истакна вршителот на должноста министер за надворешни работи во талибанската администрација, Амир Кан Мутаки.
Во ексклузивното интервју за Агенција Анадолија (АА), Мутаки истакна дека официјалното признавање на нивната влада и меѓународната помош имаат големо значење за закрепнувањето на економијата на земјата.
Мутаки ја предводеше талибанската делегација во официјална посета на Турција во четвртокот на разговори за билатералните прашања и соработката за иднината на Авганистан.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, и Мутаки одржаа состанок на кој разговараа за прашањата поврзани со официјалното признавање на талибанците и за средствата што му припаѓаат на Авганистан, што се блокирани од САД.
Мутаки рече дека замрзнувањето на резервите од страна на САД по преземањето на власта во државата од страна на талибанците, го крши меѓународното право и човековите права.
Тој нагласи дека парите блокирани од страна на САД биле испратени од други држави за развојот на Авганистан.
„Вистинското прашање е зошто се блокирани овие пари? Што сторија граѓаните на Авганистан?“, праша тој. „Од друга страна, САД и другите земји велат дека хуманитарната помош треба да му се испорачува на Авганистан и дека треба да се почитуваат човековите права. Но, тие го оставаат авганистанскиот народ, околу 40 милиони жители, без основни потреби за живот.“
Мутаки истакна дека овие прашања се изнесени во преден план од турските власти на прес-конференцијата во средата.

- Признавање на новата влада -
„Како што рековме на нашите состаноци во изминатите денови, на состаноците со делегациите на САД и Европската Унија во Доха, и на нашите состаноци во Турција, во светот се формирани држави некои со сила, некои преку државен удар или избори на кои доминира едно лице или едно семејство. Зошто се признаваат тие, а владата во Авганистан останува да биде во де факто состојба?“, рече Мутаки.
Тој нагласи дека тоа претставува узурпација на правата на Авганистанците, додавајќи дека ситуацијата има негативно влијание врз економијата на Авганистан.
Истакна дека хуманитарната помош испратена од целиот свет е дистрибуирана и потсети дека САД и ЕУ ветиле помош на претходните средби со делегациите.
Нагласувајќи дека ЕУ ветила хуманитарна помош од над 1 милијарда долари, за чиј износ е одлучено на конференцијата во Женева, Мутаки рече: „Ова ја открива соработката на земјите од светот со нас. Односите со нас се подобруваат од ден на ден. Има позитивно влијание на ова поле“.
- „Непризнавањето на новата влада во Авганистан ѝ оди во корист на ДЕАШ“ -
Мутаки тврди дека со талибанската администрација безбедноста во земјата е осигурена во однос на заканата од терористичката организација ДЕАШ и дека не постои закана во таа смисла.
„Тие [ДЕАШ] изведуваат напади врз џамиите и на улиците. Ќе се согласите дека не е лесна задача да се осигури безбедноста на сите џамии и улици. Тие не поседуваат ниту едно место во Авганистан. На овој начин се врши меѓународен притисок врз авганистанската влада. Оваа пропаганда работи во двата правца за ДЕАШ“, рече тој.
„Фактот дека новата состојба во Авганистан не е официјално призната е од корист за ДЕАШ. Земјите во светот, од една страна велат контролирајте го авганистанскиот народ за да не мигрира. Од друга страна, тие официјално не ја признаваат владата и го креваат моралот на ДЕАШ. Ова не е во интерес ниту на Авганистан, ниту на светот“, напомена Мутаки.
Турција и новата администрација на Авганистан го одржаа својот прв состанок на високо ниво по преземањето на власта од страна на талибанците на 15 август.
Талибанците го зазедоа Кабул, принудувајќи го авганистанскиот претседател и други високи државни претставници да ја напуштат земјата. Тие формираа привремена влада на чело со Хасан Ахунд.
Светските сили ги повикаа талибанците да формираат инклузивна влада која ќе ја претставува етничката разновидност на земјата.
news_share_descriptionsubscription_contact
