Hajer M'tırı
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
СТРАЗБУР (АА) - Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Федерика Могерини, вчера изјави дека Турција има легитимно право учесниците во обидот за државен удар на 15 јули и во терористичките напади да ги изведе пред лицето на правдата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тој 15 јули, во текот на ноќта при обидот за државен удар, бевме на страната на демократијата и демократските институции во Турција“, рече Могерини во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент, за време на расправата за односите меѓу Турција и ЕУ.
„Турските власти имаат легитимно право извршителите на обидот за пуч и на терористичките напади да ги сметаат за одговорни за нивните дела. Ние, исто така, ги повикавме сите политички партии безусловно да го осудат тероризмот“, рече Могерини пред присутните.
Таа додаде дека во процесот на пристапување на Турција во ЕУ е постигнат напредок на многу полиња.
„Нашите преговори со Турција се на крстопат, бидејќи Турција и самата е на крстосница. Сепак, во процесот на пристапување е постигнат напредок во многу полиња“, истакна високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Сепак, челниците на двете најголеми парламентарни групи во Европскиот парламент упатија повик до ЕУ да стави крај на преговорите за членство на Турција.
„Ние го поддржуваме замрзнувањето на преговорите со Турција за членство“, рече Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија (ЕПП), која е најголемата група во ЕП.
Лидерот на социјалистичката групација, Џани Питела истакна дека привремено треба да се замрзнат преговорите за членство на Турција.
„Преговорите за пристапување на Турција треба привремено да бидат замрзнати. Нема услови за продолжување на преговорите“, рече Питела.
Да потсетиме, министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, претходно соопшти дека не треба да се продолжи со преговорите за членство на Турција. Шефовите на дипломатиите на Германија и Франција порачаа дека прекинот на преговорите за членство би донело поговеќеА штета отколку корист.