Evren Aydemir
23 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Волтер Штајнмаер, вчера ги повика властите во Сирија и Русија да прекинат со нападите врз Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
„Престанете со нападите врз цивилни цели. Ова вака веќе не може“, рече Штајнмаер во Берлин каде што се состана со специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура.
Тој истакна дека проблемите со сирискиот режим на Башар ал-Асад може да се решат по политички пат.
Де Мистура изјави дека Асад мисли да го окупира источниот дел на Алепо и на тој начин да ги деморализира опозициските сили, истакнувајќи дека таквата стратегија нема да вроди со плод.
Здружението „Германско друштво за ОН“, му го врачи на Де Мистура медалот на честа „Dag-Hammarskjöld“ за 2016 година, поради напорите за изградба на мирот и безбедноста во светот.
Штајнмаер нагласи дека Де Мистура го заслужил медалот на честа, поради, како што рече, напорната работа за изградба на мирот и безбедноста, додавајќи дека досега успевал да ги убеди завојуваните страни во Сирија да седнат на преговарачка маса.
„Вие сте гаранција дека постои можност да се постигне политичко решение за бруталната војна во Сирија“, изјави Штајнмаер.
Де Мистура, во своето обраќање пред присутните, рече дека медалот на честа им го посветува на лекарите кои работат во многу тешки услови во Сирија.
Инаку, голем број цивили загинаа во изминатите неколку дена во нападите на режимот врз Алепо.
Граѓанската војна во Сирија избувна на почетокот од 2011 година, кога режимот на претседателот Башар ал-Асад насилно ги задуши продемократските протести. Оттогаш, стотици илјади луѓе загинаа, а милиони жители се раселени.