Ekipa
25 Декември 2021•Ажурирај: 27 Декември 2021
ДОХА (АА) - Турција и Катар ги разработуваат деталите од договорот за управување со аеродромот во авганистанската престолнина Кабул, соопштија дипломатски извори за Агенција Анадолија (АА).
„По разговорите за време на посетата на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, на Катар на 7 декември, беше потпишан меморандум за разбирање помеѓу турски и катарски компании за оперирање со аеродромот преку рамноправно партнерство“, истакнаа изворите првично во четвртокот, и побараа да не бидат именувани.
„Доха и Анкара се договорија заеднички да управуваат со Меѓународниот аеродром во Кабул, и со уште четири други аеродроми во Авганистан, кои сега се под привремена администрација на талибанците“, додадоа изворите.
Опишувајќи ги разговорите меѓу страните како продуктивни и ефективни, изворите додадоа дека „ќе се формираат заеднички технички тимови за преговарање за деталите на работењето“, што се очекува да бидат завршени во наредните денови.
„Во текот на следната недела ќе се одржат технички состаноци меѓу турско-катарската делегација од една страна и (привремената) авганистанска администрација од друга страна во врска со деталите на работа“, велат изворите.
Тие додадоа дека турско-катарската делегација потоа во петок ќе замине од Кабул во Доха, каде што ќе ги продолжи разговорите.
Засега нема директен коментар од турските или катарските власти за ова прашање.
Летовите на главниот меѓународен аеродром во Авганистан во Кабул беа прекинати откако талибанците ја презедоа власта во август, а американските војници ја уништија опремата и радарскиот систем во објектот пред да ја напуштат земјата.