Ahmet Furkan Mercan
28 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
ТОКИО (АА) - Јапонскиот произведувач на автомобили „Тојота“ минатата година продаде вкупно 9,53 милиони возила, со што го надмина и германскиот конкурент „Волксваген“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Раководството на компанијата „Тојота мотор“ соопшти дека јапонскиот гигант во текот на 2020 година продал 11,3 отсто помалку возила отколку што успеал во претходната 2019 година. Тоа е прв пад на продажбата кој таа компанија го забележа во текот на изминатите пет години.
Во соопштението се наведува дека минатата година поради пандемијата на Ковид-19 е намалено и производството за 14,1 отсто во однос на претходната. Меѓутоа, особено тешката 2020 година „Тојота“ ја заврши како светски лидер по бројот на продадени возила.
Под покровителство на „Тојота“ се и произведувачот на автомобили „Даихацу“ и камионите „Хино“.
Водечкиот германски произведувач на автомобили „Волксваген“ во текот на 2020 година продаде вкупно 9,31 милион возила, што е за 15,2 отсто помалку во однос на продажните резултати на таа компанија од 2019 година.