Burak Dağ
20 Декември 2023•Ажурирај: 21 Декември 2023
ТЕЛ АВИВ (АА) - Ави Шамриз, таткото на Алон Шамриз, еден од тројцата израелски заложници што „по грешка“ беа убиени од израелската армија во Појасот Газа, ја критикуваше Владата предводена од Бенјамин Нетанјаху, јавува Анадолу.
Говорејќи за програмата „НБЦ њуз“, Шамриз рече дека Владата на Израел најпрво му дозволила на Хамас да го киднапира неговиот син на 7 октомври, а потоа израелската армија го убила во декември.
„Двапати го убивте мојот син“, нагласи Ави Шамриз.
Нагласувајќи дека Владата предводена од Нетанјаху нема капацитет да ѝ служи на земјата, Шамриз рече дека администрацијата „не нѐ заслужува како општество, како народ“.
„Тие не се наши лидери. Мислат само на себе. На фотелјите и на своите џебови“, истакна Шамриз.
Наведувајќи дека израелската администрација не се грижи за тоа како да ги врати заложниците од Газа, Шамриз изјави дека властите воопшто не размислуваат за заложниците.
Израелската армија објави дека на 15 декември „по грешка“ убила тројца заложници од Израел во Појасот Газа.
Семејството на 26-годишниот Алон Шамриз, еден од оние кои беа убиени „по грешка“, поднесе барање жртвата да биде вклучена во списокот на „херои“. Меѓутоа, како што пренесуваат израелските медиуми, армијата го одбила ова барање.
Тогаш семејството потсети дека тројцата заложници биле убиени и покрај тоа што биле без униформа и носеле бело знаме.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени над 19.667 Палестинци, а ранети се повеќе од 52.586 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Во заробеништво сѐ уште се наоѓаат 130 Израелци. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.