Islam Uddin
19 Ноември 2025•Ажурирај: 19 Ноември 2025
АНКАРА (AA) – Тајванските власти приведоа шест сегашни и поранешни припадници на војската, како и еден кинески државјанин под обвинение за шпионажа, јавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Според Фокус Тајван, Високиот суд на Тајван го одобрил барањето на обвинителството за притвор на шест поранешни и активни воени лица и кинески државјанин, кои се товарат за оддавање воени тајни на Кина.
Обвинителите тврдат дека кинескиот осомничен Динг Сјаоху наводно регрутирал поранешни тајвански офицери за собирање класифицирани воени информации и нивно предавање на Пекинг.
Засега нема коментар од кинеска страна за најновите обвинувања за шпионажа од Тајпеј.
Според извештајот, околу 356.444 долари биле префрлени во Тајван за финансирање на операциите на групата.
Властите веруваат дека шпионската мрежа почнала да се формира во 2018 година, а активното собирање информации започнало во 2023 година, пред да биде откриено минатата година.
Седумтемина осомничени претходно се обвинети од Високото обвинителство за прекршување на Законот за национална безбедност, деликт за кој се добива минимална казна пет години затвор.
Тајванското Министерство за одбрана во средата започна со дистрибуција на ажурираниот прирачник за цивилна одбрана „Во случај на криза: Национален водич за јавна безбедност на Тајван“, кој ќе им биде испорачан на околу 9,83 милиони домаќинства до 5 јануари.