Силен земјотрес од 7,5 степени ги погоди Филипини, еден загинат, активирано предупредувањето за цунами
Земјотресот се случил во близина на источниот брег на островот Минданао во 9:43 часот по локално време

ИСТАНБУЛ (АА) - Силен земјотрес со магнитуда од 7,5 степени денес го погоди регионот Минданао на Филипини, при што загина најмалку едно лице, а издадено е предупредување и за цунами, според локалниот дневен весник „Филстар“, пренесува Анадолу.
Земјотресот се случил на длабочина од 58,1 километар, соопшти Американскиот геолошки завод.
Тој се случил во близина на источниот брег на островот Минданао во 9:43 часот по локално време.
Досега е пријавен еден смртен случај во областа Минданао, соопшти локалниот медиум „Инкваирер“.
Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија првично ја регистрираше магнитудата на земјотресот на 7,6 степени, но подоцна ја ревидираше на 7,5.
Институтот, исто така, издаде предупредување за цунами за крајбрежните области на источните и јужните Филипини, советувајќи го населението да биде внимателно поради можни цунами бранови.
По земјотресот, властите на градот Давао објавија прекин на наставата на сите нивоа, во јавните и во приватните училишта, со цел да се овозможи брза процена на штетите на инфраструктурата и објектите.
Исто така, земјотрес со магнитуда од 6 степени го потресе подрачјето 144 километри југоисточно од градот Лоренгау во покраината Манус во Папуа Нова Гвинеја во 02:08 часот по Гринич на длабочина од 10 километри, според Геолошкиот завод на САД.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.