Berk Kutay Gökmen
16 Февруари 2026•Ажурирај: 17 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Северна Кореја денес објави дека ја завршила изградбата на нов станбен кварт во главниот град Пјонгјанг за семејствата на севернокорејските војници загинати руско-украинската војна, пренесува Анадолу.
Корејската централна новинска агенција (KCNA) објави дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун учествувал на церемонијата на пуштањето во употреба на нововоспоставената улица Саепјол вчера, во придружба на неговата ќерка Ким Џу Ае и други официјални претставници.
Во говорот одржан на настанот, Ким истакнува дека новата улица „е изградена благодарение на жестоката желба на нашата татковина што посакува драгоцените животи на нејзините одлични синови, кои ги бранеа најсветите работи жртвувајќи ги своите највредни работи, да живеат засекогаш“.
Нарекувајќи ја улицата „извор на чест за нашата генерација и гордост на Пјонгјанг и нашата држава“, тој рече дека е наменета за „ожалостените членови на семејствата на паднатите војници и други борци, како и за борците од полкот на инженерите, кои се испратени во прекуокеански воени операции“.
„Партијата и Владата ќе ги преземат сите потребни чекори за да обезбедат овие семејства да водат горд и вреден живот, уживајќи во преференцијалниот третман од државата и грижата за целото општество“, додаде тој.
По неговиот говор и церемонијата на сечење лента по повод завршувањето на улицата, Ким посети неколку од домовите за да изрази сочувство.
Во веста не е наведен бројот на изградени куќи за семејствата.
Северна Кореја испрати околу 1.000 воени инженери во руската Курска Област во август 2025 година за да им помогнат на руските сили во расчистувањето на нагазните мини поставени за време на борбите со украинските трупи.
Нивното распоредувањето следуваше по претходното испраќање на околу 15.000 борбени трупи за поддршка на воените дејства на Русија, според разузнавачката агенција на Јужна Кореја, која тврди дека Пјонгјанг изгубил 2.000 војници во војната.
Северна Кореја и Русија потпишаа сеопфатно стратегиско партнерство во 2024 година, обврзувајќи се на меѓусебна воена поддршка доколку некоја од нив биде нападната од трета страна.