свет

Пукање во училиште во Канада, 10 загинати, меѓу кои и напаѓачот

Шест лица се пронајдени мртви во средното училиште „Тамблер Риџ“, едно лице починало на пат кон болница, а уште две лица се пронајдени мртви во дом во заедницата за која се верува дека е поврзана со пукањето

Rabia İclal Turan  | 11.02.2026 - Обновена : 11.02.2026
 Пукање во училиште во Канада, 10 загинати, меѓу кои и напаѓачот

ВАШИНГТОН (АА) - Десет лица, меѓу кои и осомничениот вооружен напаѓач, загинаа во пукотница во градот Тамблер Риџ во западната канадска покраина Британска Колумбија, објави канадскиот јавен сервис Си-би-си, пренесува Анадолу.

Кралската канадска коњаничка полиција соопшти дека девет лица и еден осомничен загинале во инцидентот.

Шест лица се пронајдени мртви во средното училиште „Тамблер Риџ“, едно лице починало на пат кон болница, а уште две лица се пронајдени мртви во дом во заедницата за која се верува дека е поврзана со пукањето, објави полицијата.

Оттаму соопштија дека осомничениот, исто така, е пронајден мртов во училиштето од „самонанесена повреда“.

Околу 25 повредени лица се на лекарски прегледи во локалниот медицински центар, објави Си-би-си.

Наредбата за засолнување издадена за подрачјето на училиштето „Тамблер Риџ“ и околните заедници е укината околу 18:45 часот по локално време, соопштија властите.

Истрагата за инцидентот е во тек.

Нападот е втор најсмртоносен напад врз училиште во историјата на Канада, по оној во декември 1989 година во Политехничката школа во Монтреал, во која загинаа 14 лица.

Тамблер Риџ, град со околу 2.400 жители во Западна Канада, се наоѓа во подножјето на Карпестите Планини, на околу 680 километри од границата со САД.

Канадскиот премиер Марк Карни рече дека е „ужаснат“ поради нападот и упати „молитви и најдлабоко сочувство“ до семејствата и пријателите на убиените.

„Им се придружувам на Канаѓаните во тагувањето по оние чии животи денес неповратно се сменети и во благодарноста за храброста и несебичноста на службите за итна помош што ги ризикуваа животите за да ги заштитат своите сограѓани“, рече Карни во објавата на американската платформа за социјални медиуми X.

Карни истакна дека разговарал со премиерот на Британска Колумбија, Дејвид Еби, за да изрази сочувство и со министерот за јавна безбедност Гари Анандасангари, кој ја координира реакцијата на федералните власти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın