Mohammad Sıo
31 Мај 2024•Ажурирај: 02 Јуни 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) предупреди дека пренатрупаноста и лошите санитарни услови во бегалските кампови во Газа го поттикнуваат ширењето на заразните болести, пренесува Анадолу.
Во соопштението објавено денес на платформата X, УНРВА ја нагласи итната потреба од подобрување на здравствените услуги. „Нашите тимови продолжуваат да пружаат основна медицинска нега на ранливите категории лица, децата и постарите лица“, соопшти Агенцијата.
Ситуацијата останува критична поради недостигот на вакцини и лекови, се наведува од УНРВА.
Пренатрупаноста и недостатокот на соодветни санитарни услови во засолништата во Газа значително придонесоа за здравствената криза. „Преполните засолништа и несоодветните хигиенски практики го поттикнуваат преносот на заразни болести“, предупреди УНРВА.
Оттаму повикаа на „безбеден и неограничен пристап“ за задоволување на итните здравствени потреби на бегалците.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Газа по нападот на Хамас на 7 октомври, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Оттогаш, повеќе од 36.200 Палестинци се убиени во Газа, огромно мнозинство се жени и деца, а речиси 81.800 се повредени, според локалните здравствени власти.
Речиси осум месеци по почетокот на израелската војна големи делови од Појасот Газа се во урнатини, и владее блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна пресуда му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште.