Riyaz Khaliq Khaliq,Sm Najmus Sakib
17 Ноември 2025•Ажурирај: 18 Ноември 2025
ДАКА / ИСТАНБУЛ (АА) - Судот во Дака денес ја осуди на смрт поранешната премиерка на Бангладеш, Шеик Хасина, прогласувајќи ја за виновна за злосторства против човештвото извршени минатата година за време на масовните демонстрации против нејзината Влада, јавува Анадолу.
Меѓународниот трибунал за злосторства со седиште во Дака ја изрече пресудата за Хасина и нејзините поранешни помошници.
Хасина избега во Индија на 5 август минатата година, во пикот на масовниот бунт против нејзината Влада, при што загинаа над 1.400 луѓе.
Подоцна е обвинета за злосторства против човештвото, меѓу другите случаи.
Масовниот бунт предводен од студентите минатата година ја собори Владата на Авами лигата на Хасина, која владееше со јужноазиската земја повеќе од 15 години.
„Хасина изврши злосторства против човештвото во случаите“, се вели во пресудата на судот, додавајќи дека Хасина била „врховна командантка на сите злосторства“.
„Злосторствата се случиле со нејзино (на Хасина) ладнокрвно знаење“, вели тричлениот трибунал, предводен од судијата Голам Мортуза Мозумдер, во пресудата на 453 страници.