БЕРЛИН (АА) - Преговорите за пристап на Турција во ЕУ би можеле повторно да бидат разгледани, предупреди денес германската канцеларка Ангела Меркел, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларката Меркел, која се кандидираше за реизбор, рече дека ќе им предложи на лидерите на ЕУ да разговараат за идните односи со Турција – вклучувајќи ја и можноста за одложување или прекинување на преговорите за членство.
Во своето денешно обраќање пред пратениците, на последната седница на германскиот Парламент пред федералните избори на 24 септември, Меркел вети дека по гласањето ќе го отвори прашањето за членството на Турција во ЕУ на ниво на лидери на ЕУ.
„На состанокот на Советот на ЕУ во октомври ќе предложам дискусија за идните односи со Турција, вклучувајќи го и прашањето за тоа да ги одложиме или да ставиме крај на преговорите за членство“, изјави таа.
Лидерите на ЕУ ќе се сретнат на состанокот на Европскиот совет во Брисел, на 19 и 20 октомври.
Меркел истакна дека земјите-членки на ЕУ треба да имаат обединет пристап кон Турција, а исто така да не даваат впечаток за поделена Европа.
„Ништо не може да биде поневеројатно од ситуацијата ние, како Европјани, да се расправаме околу идните односи со Турција пред очите на претседателот Реџеп Таип Ердоган“, предупреди Меркел.
„Тоа драматично ќе ја ослабне позицијата на Европа. Можам само да ве советувам да не го правиме тоа“, додаде таа.
- Преговори за пристап -
Секоја одлука за прекин на преговорите за членство на Турција ќе бара едногласност меѓу сите земји-членки на ЕУ, што е далеку од сигурно, бидејќи неколку земји останаа строго против ваквите повици претходно во текот на оваа година и инсистираат на одржување на дијалогот со Анкара.
Германската канцеларка и нејзиниот Христијанско демократски блок (ЦДУ/ЦСУ) одамна се спротивставија на полноправното членство на Турција во ЕУ, но отворено го поддржаа продолжувањето на преговорите за пристап, нешто што ѝ беше ветено на Анкара пред да дојде ЦДУ/ЦСУ на власт во 2005 година.
Сепак, Меркел неделава беше под огромен притисок за промена на оваа политика, откако нејзиниот противкандидат од Социјалдемократската партија (СПД), Мартин Шулц, за време на телевизиска дебата во неделата вечерта, повика на построга линија кон Турција.
Во изненадувачки потег, лидерот на СПД предложи итно да се запрат преговорите за членство на Анкара во ЕУ и замрзнување на 4 милијарди евра (4,68 милијарди американски долари) во претпристапните фондови.
Меркел, фатена неподготвена за тој чекор, прво наведе дека министерот за надворешни работи на коалиционата влада, Зигмар Габриел, исто така социјалдемократ, досега се спротивставувал на прекинот на разговорите за членство на Турција во ЕУ.
Но, подоцна во дебатата, Меркел, исто така, го заостри својот тон кон Турција и рече дека ќе разговара со европските колеги, ако меѓу нив постои заедничко разбирање за можната одлука за прекин на преговорите за членство на Турција во ЕУ.
- Тензии меѓу Турција и Германија -
Тензиите меѓу Берлин и Анкара дополнително ескалираа минатата недела, откако во Турција беа уапсени двајца германски државјани со турско потекло, под сомнеж дека се поддржувачи на терористичките групи.
Од јули 2016 година, по неуспешниот обид за државен удар во Турција, повеќе од десетина германски државјани се уапсени под сомнеж дека обезбедуваат поддршка за нелегални или терористички групи.
Меркел и германските политичари побараа тие итно да бидат ослободени, а турските власти постојано истакнуваа дека судството во земјата е независно, и оти е исклучено какво било политичко влијание во судските постапки.
Односите меѓу Анкара и Берлин се затегнаа по неуспешниот обид за државен удар, кога турските лидери ја критикуваа Германија за тоа што останала слепа пред илегалните или терористички групи кои се непријателски настроени кон Турција.
Од друга страна, германските политичари изразија загриженост во врска со владеењето на правото и прашањето за човековите права поради опсежните истраги од страна на турските власти во врска со терористичката организација ФЕТО, која го организираше неуспешниот обид за државен удар во којшто загинаа 250 лица, а речиси 2.200 беа повредени.
ФЕТО има голема мрежа во Германија, со десетина приватни училишта, бизнис и медиумски организации.
Според извештаите на локалните медиуми, по неуспешниот обид за државен удар, речиси 4.000 осомничени лица на ФЕТО од Турција и од другите земји, дојдоа во Германија.
И покрај повторуваните барања од страна на Анкара за апсење на припадници на ФЕТО, германските власти ги одбиваа барањата за испорачување, тврдејќи дека Анкара прво треба да обезбеди цврсти правни докази.
Освен ФЕТО, терористичката организација ПКК е исто така активна во земјата и спроведува голем број активности за пропаганда, регрутирање и финансирање.
Според германската национална разузнавачка агенција „BfV“, групата има речиси 14.000 поддржувачи меѓу курдската имигрантска популација во Германија.