свет

„Крвавиот јануари“ - Пресвртна точка за независноста на Азербејџан

Крвавиот масакр во јануари целосно ја разниша довербата на Азербејџанците во советската администрација и го започна процесот што доведе до независност на земјата

Ruslan Rehimov  | 20.01.2021 - Обновена : 22.01.2021
„Крвавиот јануари“ - Пресвртна точка за независноста на Азербејџан

БАКУ 

- Руслан РЕХИМОВ 

Во Азербејџан се одржа комеморација за жртвите од масакрот што Советската армија неселективно, убивајќи и жени и деца, го изврши на 20 јануари 1990 година во Баку и во другите азербејџански региони, пишува Агенција Анадолија (АА).

Масакрот што во срцата на сите Азербејџанци не избледува, во историјата е познат како „Крвав јануари“ и претставува важна пресвртница во постигнувањето независност на оваа земја по 70-годишното советско заробеништво.

Проблемот со Нагорно Карабах лежи во основата на крвавите јануарски инциденти, кои го забрзаа распадот на Советскиот Сојуз и го поттикнаа чувството за независност кај Азербејџанците.

Кон крајот на 1980-тите години, Ерменците ги зголемија своите активности за одвојување на Нагорно Карабах од Азербејџан, а во декември 1989 година, Врховниот совет на Ерменската Советска Република одлучи да го обедини Нагорно Карабах со Ерменија.

Азербејџанците реагираа на оваа одлука и во Баку се одржаа митинзи на кои учествуваа стотици илјади луѓе. Луѓето се собраа на плоштадот „Слобода“ во Баку, реагирајќи на зголемените територијални барања на Ерменците и на однесувањето на советското раководство.

Континуираните демонстрации го вознемирија советското раководство и донесена е одлука да се испратат воени трупи во Баку. Од друга страна, луѓето го блокираа влезот во градот и воените единици во Баку.

Прво, на 19 јануари 1990 година, припадниците на советското разузнавање го уништија снабдувачот на енергија на азербејџанската телевизија. Во вечерните часови, Советската армија со оклопни возила и 26.000 персонал влезе во Баку од 5 насоки.

Советската армија влезе во градот пукајќи врз невооружените цивили кои се обидуваа да го попречат нивното влегување. Тенковите и тешките оклопни возила беа насочени кон луѓето, а пукано е и врз амбулантните возила и патничките автобуси. Таа вечер во Баку животот го загубија 130 цивили.

Советската армија го продолжи масакрот и во другите региони, како што се Нефтчала и Ленкеран, а вкупно 147 азербејџански цивили беа жртви на масакрот извршен на 20 јануари.

Во инцидентите се ранети 744 лица, а Советската армија приведе околу 400 лица.

Иако советската администрација прогласи вонредна состојба во Баку и градот во целост беше под контрола на Советската армија, луѓето повторно излегоа на улиците, започнувајќи активности за погребување на загинатите.

Загинатите се погребани во паркот „Дагусту“, место каде што се погребани Азербејџанците што загинале во нападите на Ерменците на 31 март 1918 година, а што е претворено во парк во време на советското владеење. Телата на загинатите биле поставени на Плоштадот на слободата (Азадлик) и оттука се носени на рамења и се погребани еден до друг на гробиштата што денес се нарекуваат „Алеја на мачениците“. Приближно 1 милион луѓе присуствуваа на погребите.

Крвавиот масакр во јануари целосно ја разниша довербата на Азербејџанците во советската администрација и го започна процесот што доведе до независност на земјата.

Азербејџанците веќе 31 година, секој 20 јануари, со каранфили во рацете им оддаваат почит на жртвите од 20 јануари, изразувајќи им благодарност на оние што го запалија огнот на независноста.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.