Beyza Binnur Dönmez
22 Април 2026•Ажурирај: 22 Април 2026
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации денес изрази загриженост поради неодамнешниот инцидент во кој припадник на израелската војска ја оштети статуата на Исус во јужен Либан, јавува Анадолу.
Портпаролот Тамен ал-Кетан за Анадолу истакна дека Канцеларијата е запознаена со инцидентот и дека се разгледува соопштението на Израел во врска со случајот.
Тој предупреди дека ваквите инциденти предизвикуваат загриженост поради непочитување на меѓународното хуманитарно право, како и меѓународното право за човекови права.
„Ваквите акти предизвикуваат загриженост според меѓународното хуманитарно право, кое налага почитување и заштита на верските објекти и симболи како културни добра, како и според на меѓународното право за човекови права, бидејќи таквите акти можат да претставуваат мешање во правото на слобода на вероисповед”, нагласи тој.
Портпаролот, исто така, потсети на обврските на Израел согласно со меѓународното право.
„Потсетуваме на обврската на Израел да обезбеди брза, темелна и непристрасна истрага, како и одговорност за виновниците”, изјави Ал-Кетан.
Фотографијата што кружи на социјалните мрежи, на која се гледа како израелски војник со голем чекан ја уништува статуата на Исус во јужен Либан, предизвика меѓународен гнев. Инцидентот наиде на осуда и од голем број верски и политички личности.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Сар, во понеделникот упати извинување, нарекувајќи го инцидентот „тежок и срамен” и изјави дека е отворена истрага за да се повикаат на одговорност виновниците.
Израелската војска изјави дека на инцидентот гледа со „најголема сериозност” и дека таквото однесување не ги одразува вредностите што се очекуваат од нејзините трупи.