свет

„Каде е моето семејство?“: Ујгурите стравуваат за своите семејства во Кина

„Мојата најстара ќерка имаше само 5 години кога беше притворена од кинеските власти во 2012 година, бидејќи одеше во религиозно училиште во текот на летниот период“, изјави Турдинијаз.

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı  | 22.01.2021 - Обновена : 24.01.2021
„Каде е моето семејство?“: Ујгурите стравуваат за своите семејства во Кина

ИСТАНБУЛ

Беше сончев летен ден кога Алимџан Турдинијаз одлучи дека е време да ја напушти својата татковина, каде што живеел целиот свој живот, откако дознал дека неговата петгодишна ќерка била притворена од кинеските власти.

„Мојата најстара ќерка имаше само 5 години кога беше притворена од кинеските власти во 2012 година, бидејќи одеше во религиозно училиште во текот на летниот период“, изјави Турдинијаз.

Тој се почувствувал среќно бидејќи можеле да ја вратат неговата ќерка од кинеските власти со мито. Турдинијаз (45) живее во Истанбул речиси осум години со неговите три ќерки и сопруга, но на неговото срце му е тешко од копнежот за неговото семејство и роднини во западниот кинески регион Синџијанг, исто така познат како Источен Туркестан.

Регионот е дом на над 10 милиони Ујгури. Туркиската муслиманска група, која сочинува околу 45 отсто од популацијата во Синџијанг, долго време ги обвинува кинеските власти за културна, религиозна и економска дискриминација.

Речиси 100 лица се собраа пред кинескиот Конзулат во Истанбул на 22 декември и протестираа 18 дена со барање да дознаат за состојбата на нивните семејства, за кои не слушнале од 2017 година.

„Мојот постар брат, мојата постара сестра и нејзиниот сопруг заедно со нивните две деца, зет на мојата друга постара сестра, како и мој пријател, се во кинеските логори, „за политичко преобразување“, рече Турдинијаз во разговор за Агенција Анадолија (АА).

Тој изјави дека кинеските власти ги посетиле домовите на сите ујгурски семејства во Синџијанг во 2016 година и ги советувале да направат пасоши и да ги посетат нивните семејства во странство.

„Но не знаевме дека се работи за стапица. Сите што заминаа во странство таа година, и сега се наоѓаат во логори или на некое друго место за кое не знаеме“, изјави Турдинијаз.

- Сѐ уште има надеж дека своите сакани ќе ги види на социјалните медиуми - 

„Некои се регрутирани во кинеските фабрики и се принудени на работа“, вели Турдинијаз. Тој рече дека ги проверуваат социјалните медиумски платформи како што се „ТикТок“ и „Фејсбук“ со надеж дека ќе ги видат нивните семејства таму.

„Мојот постар брат Нурмемет беше образован и неговите сопствени бизниси се во Кина. Нему не му е потребна Владата да му даде работа или образование. Но подоцна откривме дека бил однесен поради неговата брада.“

Сестрата на Турдинијајаз, Хелиме и деверот Осман Рози, како и нивните две деца, биле однесени во логори, додека за неговиот помлад брат Елзат Али нема информации.

Работејќи како бизнисмен во Турција, Турдинијаз се занимаваше со трговија меѓу Кина и Турција до 2017 година.

„Помладиот брат Елзат беше сметководител на мојот бизнис од 2013 година до 2017 година. Во 2017 година тој се врати дома откако дознавме дека нашата мајка е болна. Веднаш штом слета во Кина, го примија, но не знаеме дали е во логор или затвор или на друго место“, рече тој додека плачеше.

„Не можам ни да ги повикам затоа што не сакам да ги ставам во неволја преостанатите мои роднини. Дури и за смртта на мојата мајка дознав од други. Не знам дали моите браќа, сестри ми или други мои роднини се мртви или се живи“, раскажа тој низ солзи.

- Неможност за комуникација со семејствата -

Амине Вахит (39) пристигна во Турција во март 2015 година заедно со нејзините две деца. Како Турдинијаз, таа исто така увезувала и извезувала стока од и во Кина од 2017 година.

Нејзиниот свет се распарчил кога едно утро не можела да стапи во контакт со членовите на нејзиното семејство. Користејќи ја популарната апликација за пораки со седиште во Кина, „ВиЧет“, за да комуницира со своето семејство, Вахит рече дека повеќе не е во можност да ја користи затоа што сите што ги познава ја отстраниле апликацијата од нивните телефони и не комуницираат со никого во странство.

„Открив во јули 2016 година дека мојот постар брат беше земен од кинеските власти, сестрите ми го кажаа ова преку „ВиЧет“. Но, кратко време по мојот постар брат, беа приведени и мојата постара сестра и мојот друг постар брат“, изјави Вахит за АА.

Споменувајќи ја нејзината последна посета на нејзиниот роден град Синџијанг, Вахит рече дека нејзиното враќање во Турција е „апсолутно чудо“.

„Морав да отидам затоа што имав бизниси таму и живеалиште што сакав да го продадам, но не можев да го сторам тоа“, додаде таа.

Сестрата на Вахит првично била однесена во логори во 2016 година и била задржана таму три месеци, а потоа била ослободена поради влошената здравствена состојба.

„Кога бев таму, тајно се сретнав со сестра ми во болницата. Таа ми рече веднаш да ја напуштам земјата пред да ме земат кинеските власти. Па така, спакував сè за една ноќ и заминав со првиот лет кон Турција“, рече таа.

Зборувајќи за логорите, каде што се наоѓале жени на возраст од 16 до над 70 години, Вахит рече дека нејзината сестра ги опишала како „кошмар“.

„Секое утро биле принудени да трчаат еден час, вклучително и постари жени кои не биле во можност ниту да се движат. Сестра ми рече дека некои ги загубиле своите животи поради тешките услови во логорите. Кифла наутро, супа попладне и друга кифла навечер се давале како храна само под еден услов. Требало да клекнат на колена, да се заблагодарат на Владата на Кина и да ја пеат песната на кинеската Комунистичка партија за да ја добијат таа недоволна храна“, изјави таа.

„Жените во логорите биле третирани лошо додека биле принудени да направат преглед на нивниот претходен живот во нивното родно место и да се покајат за него како да е грев“, изјави Вахит.

Нејзината сестра во 2017 година е повторно однесена во логорот и оттогаш Вахит не знае што се случило со нејзината сестра и нејзините двајца браќа.

Кина е широко обвинета за ставање на Ујгурите во логори. Постојат извештаи за принудна стерилизација на ујгурските жени.

Организациите за човекови права, вклучително и „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и „Амнести интернешнл“ (Amnesty International) го обвинуваат Пекинг за угнетување на 12 милиони Ујгури, од кои повеќето се муслимани.

Триесет и деветгодишниот Мирзахмет Илјасоглу живее во Турција од 2007 година и подоцна стана турски државјанин. Надевајќи се дека ќе го исполни стремежот на неговиот покоен татко, Илјасоглу доби диплома за универзитет во Кина и дипломира на постдипломски студии во Турција.

Илјасоглу ги поканил својот брат и мајка да ја посетат Турција во 2014 година, каде што ги посетиле туристичките знаменитости во Истанбул и виделе живот зад невидените ѕидови околу Ксинџијанг.

Но, тоа патување се покажало како кошмар за семејството Илјасоглу, бидејќи неговиот брат Хелемемет Илјас бил однесен од кинеските власти во 2017 година, поради неговото патување во Турција.

„Ни рекоа дека логорите се професионални училишта, затоа молчев три години. Но, кога ништо не слушнавме од нашите семејства три години, без разлика дали се мртви или живи, тогаш сфативме дека ова се далеку од училишта“, рече Илјасоглу во солзи.

- „Тишината против угнетувањето е начин на одобрување на тоа“ -

Тој подоцна дознал дека неговиот зет Абдурехман Куерванџијангин исто така бил однесен во логорите заедно со уште четворица други пријатели на Илјасоглу.

Борејќи се да ги задржи неговите солзи, тој изјави: „Јас не сум затворен, но се чувствувам исто како што и тие се чувствуваат. Преку овие логори, Кина извршува злосторство. Не постои друга дефиниција за ова.“

„Иако кинеската Влада секогаш тврди дека регионот Ксинџијанг е дел од Кина, таа никогаш не ги сметала луѓето што се наоѓаат таму како нејзини сопствени граѓани“, рече тој.

„Меѓу оние кои се однесени во контроверзните логори на Кина, од роднини на нашите пријатели дознавме дека се наоѓаат постари лица на возраст од 90 години и нагоре, како и двегодишни деца. Децата се одвоени насила“, изјави Илјасоглу.

„Речиси 8 милиони лица од муслиманската популација во Ксинџијанг се затворени во проширената мрежа на кампови за „политичко преобразување““, изјави Турдинијаз.

„Еден мој пријател кој заврши на универзитет во Турција почина во тие логори“, рече Илјасоглу додека се тресеше од тага, и додаде дека стравува за животот на членовите на неговото семејство и пријателите.

Турдинијаз, Вахит и Илјасоглу, сите одделно ја повикаа меѓународната заедница, светските земји и хуманитарните организации да се изјаснат за неправдата и нехуманиот третман од страна на кинеската Влада кон турско-муслиманската група.

„Тишината против угнетувањето е начин на одобрување на тоа“, рече Илјасоглу.

Иако Илјасоглу го поздрави годишниот извештај на Извршната комисија на САД за Кина (CECC) за 2020 година, тој рече дека станува збор за задоцнета изјава.

„Кина изврши „злосторства против човештвото и евентуално геноцид“ врз Ујгурите и другите муслимански малцински заедници во западната покраина Ксинџијанг“, се вели во неодамнешниот извештај на CECC.

Во него се додава дека „кинеската Влада намерно работи на уништување на Ујгурите и другите малцински семејства, култура и верска приврзаност“.

Покрај новите докази за систематска и распространета политика на присилна стерилизација и сузбивање на раѓањето на Ујгурите и другите малцински популации, има половина милион деца од средно и основно училиште, од кои многумина неволно се одвоиле од своите семејства, според CECC.

Сите овие трендови „треба да се земат предвид кога се утврдува дали кинеската Влада е одговорна за извршување злосторства - вклучувајќи геноцид - врз Ујгурите, Казахстанците и другите турски и претежно муслимански етнички малцинства во Кина“, се вели во извештајот.

Медине Назими (37), која живее во Турција од 2009 година, исто така се чувствува уништена, загрижена и стравува за својата 34-годишна сестра Мевлуде Хилал.

Назими, која исто така го стекна своето турско државјанство, рече дека не знае за состојбата на нејзината сестра повеќе од две години.

Хилал, која престојува и студира во Турција и има турско државјанство, првично беше однесена од кинеските власти во 2017 година, но беше ослободена во 2019 година. Набргу по ослободувањето, таа беше принудена да ја остави зад себе тогаш својата речиси двегодишна ќерка и да биде однесена во логорите во 2019 година.

Назими рече дека оттогаш не знаат што ѝ се случило. Ќерката на Хилал сега има четири години и не ја познава својата мајка, ниту се сеќава на нејзиниот мирис.

Назими ја изгуби нејзината мајка во 2019 година кратко по приведувањето на нејзината сестра.

„Како ќе се чувствувавте доколку не сте зборувале со вашата мајка четири години и тогаш еден ден ви ѕвони телефонот и некој ви кажува дека сега е мртва? И не сте можеле ниту да одите на нејзиниот погреб и да ѝ оддадете последна почит.“

Назими упати молба до турската Влада и Министерството за надворешни работи да дознаат нешто за Хилал и да ја вратат да биде заедно со нејзината ќерка во Турција, бидејќи тие се државјани на земјата.

„Тешењето веќе не ни е доволно... Знаеме дека многумина се или парализирани или дури починале во тие логори. Сè што сакам е да ја вратам сестра ми во Турција со нејзината ќерка. Сакам да можам да ја видам и да ја држам мојата внука.“

„Иако живеам во слободна земја, не се чувствувам слободна. Како што минуваат деновите без да знам за сестра ми, не се чувствувам слободна“, рече таа низ солзи.

Во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ за 2018 година, детално е објавена кампањата на кинеската Влада за „масовно произволно притворање, тортура, присилна политичка индоктринација и масовно следење на муслиманите од Ксинџијанг“.

Кина, сепак, постојано ги негираше обвинувањата дека работи кампови за притвор во нејзиниот северозападен автономен регион, тврдејќи наместо тоа дека тие ги „превоспитуваат“ Ујгурите.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın