Mehmet Şah Yılmaz
14 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
АНКАРА
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со тајните калкулации преку американскиот план кој и онака е мртвороден и нема никаква легитимност, ја игнорираат и волјата на Палестина, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Турција на неодамнешниот Договор за нормализација на односите помеѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека е исправна реакцијата која палестинскиот народ и администрацијата ја покажале на заедничката изјава која ја соопштиле САД, Израел и ОАЕ, а која предвидува потполна нормализација на односите помеѓу Израел и ОАЕ.
Се наведува дека е исклучително загрижувачки тоа што ОАЕ се обидуваат еднострано да го укинат Арапскиот мировен план од 2002 година кој го усвои Арапската лига на чело со Саудиска Арабија, а кој го поддржа и Организацијата за исламска соработка.
Се наведува и дека поради тоа нема кредибилитет да ја претставува трилатералната декларација како поддршка на палестинското прашање.
„Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), со тајните калкулации преку американскиот план кој и онака е мртвороден и нема никаква легитимност, ја игнорираат и волјата на Палестина“, стои во соопштението.
Министерството наведе и дека администрацијата на ОАЕ „нема овластувања да преговара со Израел во име на Палестина без согласност на нејзиниот народ и администрацијата во врска со клучните прашања“.
„Ниту историјата ниту совеста на народот во регионот нема да го заборават ниту да го простат лицемерното однесување на ОАЕ кои се обидуваат да го прикажат договорот како жртва за Палестина, кога всушност тоа е предавство на палестинското прашање поради ситни интереси“, се наведува во соопштението на турското МНР.
Израел и ОАЕ вчера го постигнаа историскиот договор кој ќе доведе до потполна нормализација на дипломатските односи на двете земји од Блискиот Исток. Договорот е постигнат со посредство на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Во заедничкото соопштение на САД, ОАЕ и Израел, се наведува дека со овој договор ќе се промовира мирот во регионот на Блискиот Исток и се додава дека овој чекор е доказ на решителната дипломатија и визијата на тројцата лидери, алудирајќи на престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед бин Зајед ал Нахјан, американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Обединетите Арапски Емирати се третата арапска земја, по Египет и Јордан, која со Израел потпиша договор за нормализација на односите.