Израелската армија приведе деветмина Палестинци во рациите на Западниот Брег
- Израелските сили влегле во една свечена сала во градот и ја претвориле во привремен центар за притвор и испрашување на терен, вели локален жител
РАМАЛА (АА) – Израелските сили денес приведоа најмалку деветмина Палестинци во воените рации низ окупираниот Западен Брег, соопшти Канцеларијата за медиуми на палестинските затвореници, јавува Анадолу.
Според соопштението, двајца тинејџери биле приведени во израелската рација во градот Деир Абу Машал во централниот дел на Западниот Брег.
Во северната област Наблус, војниците привеле едно лице по претресот на неговиот дом во градот Хавара, јужно од Наблус, како и уште едно лице во Асирa ал-Шамалија, северозападно од градот.
Израелските сили привеле едно лице во јужната област Хеброн и уште едно од бегалскиот камп Фаввар, по рациите и претресите на нивните домови.
Во областа Витлеем, исто така, во јужниот дел на Западниот Брег, војниците привеле тројца млади мажи по упадот во градот Туку, југоисточно од Витлеем.
Канцеларијата соопшти дека секојдневните приведувања продолжуваат низ Западниот Брег, опфаќајќи различни возрасни групи, вклучително и малолетници, во услови на, како што наведуваат, тековна ескалација на теренот и повторени рации во градови и бегалски кампови. Во операциите често се вршат претреси на домовите и се предизвикува материјална штета.
Израелската армија вообичаено не ги објавува причините за приведувањата, кои ги опишува како дел од „безбедносни операции“ насочени кон лица што ги смета за „барани“.
Одделно, израелските сили извршиле рација во градот Џабад во северниот дел на Западниот Брег, каде што претресле повеќе домови и привеле неколку Палестинци, изјави локалниот жител Раед Абу Бакр.
Тој наведе дека израелските сили влегле во една свечена сала во градот и ја претвориле во привремен центар за притвор и испрашување на терен.
Засега нема официјален коментар од израелска страна.
Невладината организација Палестинско здружение на затвореници вчера соопшти дека израелските сили привеле повеќе од 100 Палестинци на Западниот Брег од почетокот на муслиманскиот свет месец Рамазан на 18 февруари.
Според палестински податоци, во израелските затвори во моментов се наоѓаат повеќе од 9.300 Палестинци, меѓу кои 66 жени и 350 деца.
Насилството на Западниот Брег ескалираше откако започна војната во Газа во октомври 2023 година, при што, според палестински извори, убиени се повеќе од 1.116 Палестинци, околу 11.500 се повредени, а приближно 22.000 лица се приведени.
