свет

Израел планира да одобри изградба на речиси 2.000 нови станбени единици на окупираниот Западен Брег

ОН континуирано повторува дека израелските населби на окупираните палестински територии се нелегални според меѓународното право, предупредувајќи дека тие ги поткопуваат перспективите за дводржавно решение

Rania R.a. Abushamala  | 31.10.2025 - Обновена : 31.10.2025
 Израел планира да одобри изградба на речиси 2.000 нови станбени единици на окупираниот Западен Брег

ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) – Израелскиот министер за финансии од крајната десница Безалел Смотрич денес соопшти дека Високиот совет за планирање ќе одобри изградба на 1.973 нови станбени единици на окупираниот Западен Брег за време на следната седница, пренесува Анадолу.

Сепак, тој не прецизираше кога ќе се состане Советот, објави израелскиот Канал 12.

Објавата дојде само еден ден откако Израел одобри изградба на 1.300 домови за доселеници во населбата Гуш Ецион јужно од окупираниот Источен Ерусалим.

Смотрич рече дека израелските власти одобриле речиси 30.000 нови станбени единица на Западниот Брег оваа година, опишувајќи го како „невидено достигнување“ за неговата Влада.

Палестинската група Хамас, од своја страна, го осуди израелскиот потег како „опасна ескалација во политиката на јудаизација и проширување на населбите на сметка на палестинската земја длабоко на Западниот Брег“.

„Овие планови за населување претставуваат очигледно кршење на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации што ја криминализираат изградбата на населбите“, се додава во соопштението.

Според дневниот весник „Једиот Ахронот“, откако Владата на Бенјамин Нетанјаху ја презеде функцијата кон крајот на 2022 година, Израел има планови за околу 48.000 станбени единици на Западниот Брег, во просек околу 17.000 единици годишно.

На 20 август Владата даде конечно одобрение за планот за населбата „Е1“, кој вклучува изградба на околу 3.400 станбени единици во близина на населеното место Маале Адумим.

Израелската група за човекови права „Мир сега“ го опиша планот Е1 како „фатален удар“ врз решението за две држави бидејќи би го одвоил северниот и јужниот дел на Западниот Брег и би го изолирал Источен Ерусалим.

ОН континуирано повторува дека израелските населби на окупираните палестински територии се нелегални според меѓународното право, предупредувајќи дека тие ги поткопуваат перспективите за дводржавно решение.

Палестинците инсистираат на Источен Ерусалим како главен град на нивната идна држава, врз основа на меѓународните резолуции што не ја признаваат окупацијата на Израел од 1967 година или анексијата на градот од 1980 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.