„Да застанеме еден до друг“: Глобалниот херој Ахмед повика на човечност по пукањето во Австралија
Ал-Ахмед стана светски познат и ги освои срцата на јавноста со својата храброст откако во неделата се нафрли врз еден од двајцата напаѓачи на плажата Бонди во Сиднеј
ИСТАНБУЛ (АА) – Глобалниот херој Ахмед ал-Ахмед повика на „заборавање на сè лошо“ и прифаќање на човечноста по пукањето на плажата Бонди во Австралија, јавува Анадолу.
„Да застанеме еден до друг, сите човечки суштества“, порача Ал-Ахмед до луѓето низ светот што донираа околу 2,5 милиони австралиски долари. „И да заборавиме сè лошо (од минатото).“
Ал-Ахмед стана светски познат и ги освои срцата на јавноста со својата храброст откако во неделата се нафрли врз еден од двајцата напаѓачи на плажата Бонди во Сиднеј, најголемиот град во Австралија и главен град на сојузната држава Нов Јужен Велс.
Во нападот беа убиени 15 лица. Еден од напаѓачите беше усмртен, а другиот е во критична состојба и се лекува во болница.
Чинот на Ал-Ахмед беше оценет како клучен за спасување животи.
Австралискиот премиер Ентони Албаниз рече дека Сириецот Ал-Ахмед е нешто најдоброто од нивната земја.
Ал-Ахмед, кој се преселил во Австралија во 2006 година и е татко на две ќерки, бил погоден четири-петпати во левото рамо и се лекува во болницата „Сент Џорџ“ во Сиднеј.
Канадскиот инфлуенсер на социјалните медиуми Закери Дерениовски му предаде на Ал-Ахмед чек од 1,65 милиони долари јавни донации собрани преку GoFundMe вчера, според видеото од нивната средба објавено на Инстаграм.
„(Дали) го заслужувам ова?“, го праша Ал-Ахмед Дерениовски, на што тој одговори: „Секој цент.“
Околу 43.000 луѓе донирале за поддршка на Ал-Ахмед и неговото семејство.
„Продолжете да спасувате животи“, порача Ал-Ахмед.
„Кога ги спасував луѓето, го направив тоа од срце“, рече тој. „Сите беа среќни. Тие заслужуваат да уживаат. И тоа е нивно право.“
Австралија е „најдобрата земја во светот“, изјави 43-годишниот Ал-Ахмед.
„Ти си апсолутен херој“, му рече Дерениовски на Ахмед, додека тоj закрепнува во болница.
