Во израелските напади и рации на Западниот Брег повредени четворица Палестинци, 24 приведени
Израел ги интензивираше операциите на Западниот Брег откако започна војната во Газа на 8 октомври 2023 година - упади, апсења, убиства, раселување и проширување на населбите, чекори за анектирање на палестинската територија
РАМАЛА / ИСТАНБУЛ (АА) – Четворица Палестинци се повредени денес во нападите на израелските армиски сили и илегалните доселеници, додека 24 се приведени во воените рации низ окупираниот Западен Брег, соопштија медицински лица и локални извори, јавува Анадолу.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека нејзините екипи во Рамала му пружиле помош на младо лице што било застрелано во бутот со боева муниција од израелски војници во градот Ал Рам, северно од Ерусалим. Лицето е однесено во болница за медицински третман.
Во Наблус, во северниот дел на Западниот Брег, организацијата соопшти дека тројца Палестинци биле повредени во напад од илегални доселеници во градот Талфит. Еден бил застрелан, а двајца биле претепани, соопшти организацијата. Лицето што е застрелано е хоспитализирано, а на двајца им било пружена помош на местото на настанот.
Израелските сили приведоа 24 Палестинци за време на рациите во неколку области на Западниот Брег, според локални извори.
Седум млади мажи, меѓу кои двајца браќа и нивниот татко, се приведени во предградието Днаба, Тулкарем, во северниот дел на Западниот Брег, изјавија извори за Анадолу.
Во градот Џаба, јужно од Џенин, израелските сили приведоа осум Палестинци откако влегоа во градот и ги претресоа нивните домови, велат изворите.
Израелските сили, исто така, приведоа пет лица во Карават Бани Хасан, западно од Салфит во северниот дел на Западниот Брег, според палестинската новинска агенција Вафа.
Во јужниот дел на Западниот Брег, четворица Палестинци се уапсени во Хеброн откако војниците извршиле претрес на нивните домови, објави Вафа.
Израелската армија обично не ги открива причините за приведувањата, но тие често се случуваат како дел од она што израелските власти го нарекуваат „безбедносни операции насочени кон барани лица“.
Моментно над 9.300 Палестинци се наоѓаат во израелските затвори, меѓу кои 66 жени и 350 деца, според официјалните палестински податоци.
Израел ги интензивираше операциите на Западниот Брег откако започна војната во Газа на 8 октомври 2023 година - упади, апсења, убиства, раселување и проширување на населбите, чекори за анектирање на палестинската територија.
Во насилството на Западниот Брег загинаа најмалку 1.112 Палестинци, а околу 11.500 се повредени, а во овој период регистрирани се околу 22.000 приведувања.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
