Dildar Baykan
02 Април 2019•Ажурирај: 03 Април 2019
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот весник, „Вашингтон пост“ („Washington Post“), објави напис со кој се упатува апел до американскиот претседател Доналд Трамп, да преземе чекори во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Написот со наслов „Поминаа 6 месеци од убиството на Џамал Кашоги, Трамп ништо не направи“, е на колумнистот и главниот извршен директор на „Вашингтон пост“, Фред Рајан.
Во него се наведува дека саудискиот новинар Кашоги бил жртва на претходно планирано убиство во саудискиот Конзулат во Истанбул каде што отишол да добие потребни документи за склучување брак.
„Колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, не направи ништо за да ја заслужи оваа ужасна судбина. Сега, кога помина половина година од овој грозоморен чин, веќе треба да се преземе чекор во оваа насока“, се вели во написот.
Се укажува на тоа дека сѐ уште не е пронајден трупот на Кашоги, дека Саудиска Арабија од првиот ден на убиството дала контрадикторни изјави, но и дека некои земји од Западот се оддалечиле од Саудиска Арабија.
- „Трамп ги игнорираше наодите на ЦИА“ -
Според овој напис, американското разузнавање, како и Конгресот, ги исполниле нивните должности во врска со убиството на Кашоги, и се додава: „Но администрацијата на Трамп пишува многу поразлична приказна. Функционерите на Белата куќа користеа критички зборови и додоа лесни казни, но не направија ништо во насока на воведување значителни казни против Саудиска Арабија. Администрацијата на Трамп ги попречи, ги фрли во сенка и ги игнорира наодите на ЦИА, со цел да ги продолжи односите со саудискиот престолонаследник принцот.“
Во написот се нагласува дека Трамп не само што го прекршува законот, туку дека тој, исто така, ги поткопува кредибилитетот и етичкиот авторитет на САД.
Се вели дека секојдневно, кога во врска со убиството на Кашоги не се обезбедува правдата, последиците од ова убиство стануваат уште повознемирувачки.
„Секој ден кога Трамп им дозволува на Саудијците да избегнат одговорност, толку повеќе тирани низ целиот свет веруваат дека и тие, исто така, може да убијат и да поминат неказнети. Секој ден репутациската вредност која изминатите американски генерации ја изградиле, се троши“, се наведува во овој напис.
Според написот на „Вашингтон пост“, Конгресот на САД треба да направи сѐ за да се бара одговорност од инволвираните во убиството на Кашоги.
„Трамп мора барем да го почитува законот, и да ги почитува барањата наложени според Законот Магнитски (Magnitsky Act). Не може да поминат уште шест месеци, без да се бара одговорност за ова гнасно дело. Правда за невин новинар, дури и најважните интереси на Америка не бараат ништо помалку“, се додава во овој напис.