Hasan Esen
22 Мај 2019•Ажурирај: 23 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) – Британската премиерка, Тереза Меј, рече дека ако се потврди дека режимот на Башар ал Асад повторно употребил хемиско оружје, тогаш ќе се реагира „соодветно“, пренесува Anadolu Agency (AA).
На седницата за пратенички прашања во Парламентот, на дневен ред дојде тврдењето дека режимот на Асад извршил хемиски напад во регионот на Идлиб, во северниот дел на Сирија.
Премиерката Меј, потсетувајќи дека кога во минатото, во Сирија, се користело хемиско оружје, Велика Британија делувала заеднички со Франција и САД, нагласи:
„Ние ја осудуваме секоја употреба на хемиско оружје. Контактираме со САД, ситуацијата ја следиме одблиску и ако се потврди дека во Сирија е употребено хемиско оружје, ќе одговориме соодветно“.
Меј, истакнувајќи дека Велика Вританија има јасен став кон режимот на Асад, додаде: „Ние сметаме дека Асад не може да постигне траен мир. Неговиот режим, исто така, го загуби својот легитимитет поради бруталното однесување кон својот народ“.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека режимот на Асад на 19 мај во северозападниот дел на Сирија извршил напад со хемиско оружје. Во април 2018 година, САД, Велика Британија и Франција нападнаа воени цели во Сирија.
Со почетокот на граѓанската војна, силите на режимот користеле хемиско оружје најмалку 215 пати, а стотици луѓе, вклучувајќи и деца, биле убиени при овие напади.