Turgut Alp Boyraz
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Светската ционистичка организација (WZO) пред 15 години бесправно одзеде 50.000 квадратни метри палестинско земјиште на Западниот Брег, и им го даде на користење на израелските доселеници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што објави израелскиот весник „Haaretz“, Светската ционистичка организација (WZO) во 2002 година им го одзеде приватното земјиште на Палестинците во јужниот дел од градот Витлеем, а на ова подрачје денес се наоѓа еврејската населба Маалех Рехавам.
Според документите до коишто дојде израелскиот весник, челниците на Светската ционистичка организација, без никакво право и овластување им го одзедоа на Палестинците ова земјиште. Иако челниците на организацијата не сакаа да се огласат во врска со ова прашање, „Haaretz“ наведува дека бесправното одземање на земјиштето го потврдило и официјално лице од израелските безбедносни сили, кое не сакаше да го открие својот идентитет.
Околу 500.000 еврејски доселеници се населија во повеќе од 100 населби на Западниот Брег изградени откако Израел го окупираше регионот и источен Ерусалим во 1967 година. Според меѓународното право, сите населби на териториите што ги окупираше Израел се сметаат за нелегални.
Советот за безбедност на ОН кон крајот на декември минатата година, со воздржаност од САД, ја изгласа резолуцијата 2334, со којашто се налага итно да се прекине израелската политика на изградба на илегалните доселенички населби на окупираната палестинска земја. Израелската власт остро ја критикуваше таа одлука и ја оцени како неприфатлива.