Furkan Abdula
28 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, одржа средба со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, Џафери ја започнал средбата упатувајќи честитки по повод 28 Септември - Меѓународниот ден на Бошњаците, на присутните гости и на сите припадници на бошњачката заедница во земјава.
Посакувајќи им успешна работна посета на соговорниците, Џафери констатираше дека со Босна и Херцеговина се две пријателски земји кои имаат одлични билатерални односи, без отворени прашања и изрази лично уверување дека и во наредниот период ќе се продолжи во истата насока на градење на заемните односи.
Тој искажа подготвеност за време на неговиот мандат да ја поттикнува и поддржува парламентарната соработка на двете земји на сите нивоа, и во таа насока ја реафирмираше неговата покана до неговите колеги, претседавачи на Претставничкиот дом и Домот на народите, да ја посетат Северна Македонија во првата можност.
„Претседателот Џафери изрази задоволство од степенот на развој на правата на бошњачката заедница во земјава и значењето на развојот на тие права за сите припадници на немнозинските заедници. Во продолжение на разговорот, ја потенцираше важноста и значењето на досега потпишаните спогодби меѓу двете земји. Воедно, изрази поддршка за Босна и Херцеговина на нејзиниот евроинтеграциски пат“, се вели во соопштението.
Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, изрази лично задоволство од денешната посета на нашата земја, особено од можноста да биде повторно во Собранието на Република Северна Македонија по неговиот последен пат во 2004 година, и нагласи дека за него, парламентарната дипломатија игра многу значајна улога во односите меѓу државите затоа што отвора многу врати и гради многу пријателства.
„Тој потполно се согласи со претседателот Џафери дека во наредниот период треба сите заедно да работиме уште посилно и да ја интензивираме соработката во сите области, како парламентарната така и економската соработка пред сè. Г. Џаферовиќ нагласи дека, силата на аргументите треба да нè води понатаму и лично е длабоко убеден дека времето на конфликти, војни и етнички чистења е завршено. Што се однесува до правата на бошњачката заедница овде во Република Северна Македонија, изрази задоволство од цивилизираниот и коректен пристап што како држава го негуваме кон заедниците кои живеат овде“, се нагласува во ова соопштение.
На крајот на средбата, двајцата соговорници се согласија дека меѓусебната комуникација и соработка ќе продолжи како и досега да се развива со несмален интензитет и во иднина.