СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која претстојува во официјална посета на Република Северна Македонија, порача дека целосно го поддржува формалното отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија што е можно поскоро, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, денес на Меѓународниот аеродром Скопје беше пречекана од вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Никола Димитров, а потоа на платото пред Владата беше пречекана од страна на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, со кој одржа средба.
Фон дер Лајен и премиерот Заев го посетија Младинскиот културен центар во Скопје, а потоа одржаа и заедничка прес-конференција.
Во однос на процесот на интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), претседателката на ЕК порача дека земјата го направила потребното, но дека сега е на ред ЕУ да испорача.

„Сакам овие преговори со РСМ и Албанија да се отворат што е можно побрзо. Ве повикувам да не губите верба. Ајде да направиме уште еден чекор понапред, имате многу пријатели во ЕУ и во Комисијата, ајде да работиме вредно кон одржување на таа прва конференција, тоа ќе биде нашата заедничка цел“, истакна фон дер Лајен.
Таа ѝ честита на Северна Македонија за како што рече, „спроведените реформи во делот на владеење на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, при што изрази сигурност дека тоа ќе биде наградено.
Меѓу другото, претседателката на ЕК се осврна и на Економскиот инвестициски план за регионот.
„На масата ставивме 9 милијарди евра. Проекти кои вие ќе ги дизајнирате и со нив можеме да дојдеме до 20 милијарди евра во инвестиции.Со 500 милиони евра оваа година, но како што напредуваат работите ќе можеме да предложиме дополнителни 600 милиони евра. Ќе ни треба уште проекти, а тоа ќе биде заеднички успех”, додаде Урсула фон дер Лајен.
Во однос на економската криза предизвикана од Ковид-19, претседателката на ЕК истакна дека ЕУ и Северна Македонија ги здружуваат силите.
„Битката не е завршена. Од една страна треба да ја надминеме пандемијата, а од друга страна да ја зацврстиме нашата економија. Ние дониравме 325.000 дози вакцини на РСМ и знам дека тоа на почетокот беше бавен процес, а ќе дојдат уште. Треба да знаеме дека не се само вакцините важни, туку и вакцинацијата. Тука сакам да ги повикам сите. Преку вакцинацијата се заштитувате самите и оние кои ви се драги. Не сакаме да имаме пандемија на невакцинираните“, порача Фон дер Лајен.
Запрашана од новинарите кога ќе започне првата меѓувладина конференција на ЕУ и Северна Македонија, со оглед на тоа што Северна Македонија и Бугарија имаат отворени нерешени прашања, таа одговори: „Нашата цел е со Северна Македонија и со Албанија да ја одржиме првата меѓувладина седница пред крајот на годината.“
Исто така, на новинарско прашање за актуелните проблеми помеѓу Србија и Косово, претседателката на Европската комисија изрази загриженост.
„И јас сум загрижена за тековната криза меѓу Србија и Косово, важно е сега работите да деескалираат и да се седне на преговарачка маса“, одговори Фон дер Лајен.
- Заев: „Очекуваме Бугарија да го откочи процесот“ -
Премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата рече дека на средбата во Владата со претседателката на Европската комисија разговарале за актуелни фази во кои се наоѓа РСМ во процесот на членство во ЕУ, како и за реализацијата на стратешката цел на Брисел за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.

„Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи, и ќе ги направиме дополнителните прифатливи, за деблокирање на проширувњето на ЕУ и очекуваме Бугарија да го откочи процесот и да ја одобри преговарачката рамка во согласност со ставот на сите останати 26 членки на ЕУ“, рече Заев.
Според него, напредокот во интеграциите за ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи, врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на стандардите.
„Во духот на европските добрососедски односи ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решенија на нашите отворени прашања. Покажавме подготвеност и конструктивен придонес за решавање преку заемно почитување, но идентитетските прашања е невозможно да бидат предмет на преговори. Среќни сме што од Бугарија стигнуваат сигнали на разбирање за овие прашања кои се исто така европски вредности“, потенцираше Заев.
Тој ѝ се заблагодари на претседателката на ЕК затоа што во името на ЕУ таа додели 2,6 милиони евра буџетска поддршка. Премиерот Заев додаде дека сите овие содржини од посетата на Фон дер Лајен говорат за интензивната динамика со која се остварува соработката со ЕУ на многу различни полиња.
Посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е во пресрет на Самитот за Западен Балкан што на 6 октомври ќе се одржи во Словенија.