Husamedin Gina
26 Ноември 2019•Ажурирај: 27 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Како министер ќе ги охрабрам граѓаните на Кина да патуваат во Северна Македонија и ќе бидам амбасадор кој ќе го промовира имиџот на Северна Македонија“, рече денеска министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, кој го посети Археолошкиот музеј на Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерот за култура на Северна Македонија, Хусни Исмаили и министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, денеска го посетија Археолошкиот музеј на Северна Македонија. По посетата двајцата министри дадоа изјава за медиумите.
Истакнувајќи дека на Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа е договорено унапредување и зацврстување на културната соработка, министерот за култура, Исмаили, рече дека во исто време ќе се посвети внимание на промоција на културното наследство, продукција и дистрибуција на филмот и други културни креативни индустрии.
„Преку декларацијата која ја прифативме со акламација се согласивме за реализација на неколку значајни активности кои се дел од планот на културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа за следните две години т.е. 2020-2022 година, со кој верувам ќе направиме крупен чекор кон трасирањето на уште подинамична соработка“, нагласи министерот Исмаили.
Осврнувајќи се на денешната посета на музејот, министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг, истакна дека музејот е одличен, величествен и дека ја презентира културата на величествен начин во светот.
„Се согласивме дека културната соработка со „17+1“ треба да биде поиновативна, инклузивна и екстензивна. За да биде иновативна ние треба да ги зајакнеме врските помеѓу културата и другите области како што се туризмот, трговијата, индустријата, спортот и здравјето, и да го зајакнеме културниот дијалог со „17+1“ со концепти и практики од културната област“, нагласи министерот за култура и туризам на Народна Република Кина, Луо Шуганг.
Министерот Шуганг осврнувајќи се на билатералните односи помеѓу Кина и Северна Македонија, рече дека како министер ќе ги охрабри граѓаните на Кина да патуваат во Северна Македонија и дека ќе биде амбасадор кој ќе го промовира имиџот на Северна Македонија.
Скопје вчера и денеска е домаќин на Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа (Процес „17+1“), кој го организираат Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ.