Hajer M'tırı
14 Април 2017•Ажурирај: 15 Април 2017
ПАРИЗ (АА) - Само девет дена пред првиот круг на претседателски избори во Франција, финансиските обвинители побараа од Европскиот парламент да го укине имунитетот на кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен во рамките на истрагата за наводните лажни парламентарни работни места, објавија француските медиуми денес, јавува Anadoly Agency (AA).
Француските судии, кои ја започнаа истрага во декември минатата година, на 29 март поднесоа писмо со барање заедно со канцеларијата на обвинителот и Министерството за правда, објавиja радиодифузерите Европа 1 и Франс Интер.
Претседателката на Националниот фронт го опиша овој потег како нормален.
„Ова е тотално нормална процедура, не сум изненадена", изјави таа за радиото Франс Инфо.
Веројатноста за одобрување на нивното барање од страна на европските пратеници пред вториот круг на претседателски избори е мала.
Европскиот парламент ја обвинува Ле Пен за злоупотреба на средства во период од 2011 до 2012 година за да исплати двајца од нејзините парламентарни асистенти кои всушност работеле за нејзината партија Национален фронт.
Телото на ЕУ побара од Ле Пен до 31 јануари да отплати речиси 300.000 евра (318.000 долари), при што таа одби да плати или да се појави пред судиите на сослушување кое требаше да се одржи на 10 март.
Таа негираше дека лажно ги вработила нејзиниот телохранител Тиери Лежиер и шефицата на нејзиниот кабинет Катрин Гризе, тврдејќи дека тие и помагале во Европскиот парламент и со нејзината партија.
Минатиот месец, Европскиот парламент го укина имунитетот на Ле Пен за друг посебен случај кој се однесува на нејзината објава на Твитер на графички слики од насилството на ДЕАШ.
Ле Пен (48), е еден од фаворитите во првиот круг од гласање, кој ќе се одржи на 23 април. Анкетите покажуваат дека таа ќе дојде на прво или второ место и ќе се квалификува за клучниот втор круг на избори кој треба да се одржи на 7 мај.