Ayhan Şimşek
09 Септември 2017•Ажурирај: 10 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Победата на канцеларката Ангела Меркел на изборите овој месец во Германија би можела да биде подобра за преговорите за Брегзит, изјави вчера лидерот на Партијата за независност на Велика Британија, Најџел Фараж, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи пред новинарите во Берлин пред да се придружи на настанот на кампањата на германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија, Фараж го нападна главниот ривал на Меркел, лидерот на Социјалдемократската партија, Мартин Шулц.
„Шулц е фанатик, тој е про-ЕУ-фанатик“, рече тој за поранешниот претседател на Европскиот парламент, кој се бори во трката со Меркел на претстојните избори кои ќе се одржат на 24-ти септември.
Фараж го обвини Шулц за гледање на оние кои ја поддржуваат националната држава и демократијата како „лоши луѓе“.
Тој рече дека Меркел не се разликува од Шулц во врска со многу значајни прашања, но тврди дека нејзината изборна победа би можела да биде подобра за излез на Велика Британија од ЕУ.
„Јас не сум голем обожавател на ниту еден од двајцата, со оглед на тоа како се справуваат со сите главни прашања, но можеби Меркел ќе ја слушне логиката“, рече тој додавајќи: „Постои поголема веројатност Меркел да го слушне гласот на германската индустрија и гласот на германските работници, доколку Германија има јавна дебата и изврши притисок на неа“.
Фарaж, кој ја предводеше кампањата за заминување на Велика Британија од ЕУ, се залагаше за продолжување на договорот за слободна трговија со европските партнери и тврдеше дека тоа исто така ќе биде во интерес на Германија.