Hasan Esen
08 Септември 2017•Ажурирај: 09 Септември 2017
ТАЛИН (АА) - Министерот за ЕУ и главен преговарач на Турција, Омер Челик, денес во Талин изјави дека изјавите со коишто се повикува на прекин на преговорите за членство на неговата земја во Унијата, во суштина се најголема поддршка на радикализацијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик се обрати пред учесниците на панелот на тема „Борба против радикализацијата и насилниот екстремизам“, одржан во рамките на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, каде што учествуваа и шефовите на дипломатиите од земјите-кандидати за членство.
По состанокот, во изјавата за новинарите Челик истакна дека колегите од ЕУ ги потсетил оти Турција е вознемирена поради повикот за прекин на преговорите за нејзиното членство во Унијата.
„Тоа се крајно погрешни изјави. Турција е една силна европска земја, развиена демократија, и досега напредуваше, огромен пат помина, а не е членка на ЕУ“, појасни Челик.
Како што изјави тој, членството во ЕУ за Турција е стратешка цел.
„Таа цел се чува. Како ја замислувате борбата против радикализацијата, а да не соработувате со земја како што е Турција, со земја што мнозински е населена со муслимани, секуларна држава со демократски политички систем? Поради тоа, изјавите на некои со кои се повикува да се прекинат преговорите за членство на Турција, всушност се и најголема поддршка за радикализацијата. На состанокот истакнав дека ни е здосадено да ги слушаме таквите ирационални изјави, порачав дека Турција не треба да биде тема на внатрешната политика во некоја друга земја и посочив дека со цел да се решат сите проблеми, на Турција и ЕУ им е потребно дополнително да се зближат и заеднички да се фокусираат на иднината“, изјави Челик.