Admir Fazlagic
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, престојуваше во работна посета на Германија, во чии рамки оствари средба со својот домаќин, германскиот сојузен министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР) соопшти дека министерот Димитров, како што се наведува, ја реафирмирал силната политичка волја и активностите на новата македонска Влада насочени кон враќање на европскиот курс на земјата, преку исполнување на неопходните реформи, со цел зајакнување на процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО.
Димитров ги пренел и позициите на Република Македонија во однос на проактивниот пристап во регионалната политика преку конкретните иницијативи на новата Влада за градење односи на отворен дијалог со сите македонски соседи, оценувајќи дека истите несомнено ќе придонесат за европска иднина на целиот регион на Западен Балкан.
„Не сакаме лажни реформи, сакаме систем на спреги и кочници. Сакаме европска Македонија, владеење на правото и систем на заслуги. Така ќе ги поттикнеме нашите млади да останат. Берлин го напушаме силно охрабрени, со пораки на јасна поддршка за предизвиците што не очекувааат на овој пат“, истакна шефот на македонската дипломатија.
Според информациите од македонското МНР, германскиот министер за надворешни работи Габриел ја реафирмирал германската поддршка во исполнување на стратешките приоритети на Македонија, потенцирајќи дека Германија ќе продолжи силно да ги охрабрува македонските заложби за интегрирање во ЕУ и НАТО. Како што информира МНР, Габриел ги поздравил иницијативи на Македонија посветени на водењето политика на добрососедство, констатирајќи дека досега преземените активности се недвосмислена потврда на определба за практикување европска политика во регионот.
Покрај средбата со министерот Габриел, Димитров реализираше средба и со советникот за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Меркел, Кристоф Хојзген, а оствари одделни средби и со заменик генерлниот секретар на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Герхард Валерс, како и со високиот претставник и член на Управниот одбор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Ролф Мицених, информираше МНР на Македонија.