Ekipa
08 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел изјави дека верува оти напнатите односи со Турција во последно време би можеле да бидат решени со дијалог и дека повторно би можеле да бидат пријателски, јавува Anadolu Agency (AA).
Габриел во Берлин се состана со турскиот колега Мевлут Чавушоглу.
„Претходно телефонски разговаравме за немирот во турската заедница и за тензиите во билатералните односи до кои дојде во последно време. Поради тоа, добро е што разговаравме и лице в лице“, изјави Габриел.
Германскиот министер го оцени состанокот како добар, отворен, искрен, пријателски, но и дека истовремено и тешко поминал.
„Како и да го оцени турската страна нашето мислење, колку и да се големи несогласувањата во мислењето, нема друга алтернатива освен преговори. Верувам дека единствено така, чекор по чекор можеме да ги вратиме веќе постоечките пријателски односи меѓу Турците и Германците“, изјави Габриел.
Тој укажа на успесите на полето на економијата, на Турците кои живеат во Германија, но и на Германците кои живеат во Германија.
„Сметаме дека нанесувањето трајна штета на турско-германските односи никому нема да му биде од корист. Нашите односи можат да го поминат овој испит со дијалог заснован на двострано почитување“, смета Габриел.
Исто така, тој изјави дека турските политичари мораат да дејствуваат во согласност со правните правила на собирите што сакаат да ги одржат во Германија.
Тој додаде дека сакаат колку што е можно побрзо да го оживеат дијалогот и дека нивната цел е чекор по чекор да ги доведат на подобро ниво односите меѓу двете земји.