Evren Aydemir
17 Април 2017•Ажурирај: 18 Април 2017
БЕРЛИН (АА) - Германска канцеларка Ангела Меркел и шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, изјавија дека го почитуваат изборот на турските граѓани за реформи на Уставот на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел и Габриел денес дадоа заедничка писмена изјава во која велат: „Сојузна Република Германија ја почитува одлуката на турскиот народ за реформи на уставот во земјата“.
„Референдумската победа со мала разлика покажува дека турското општество е длабоко поделено. Тоа за државното раководство и лично за претседателот Реџеп Таип Ердоган носи голема одговорност. Сојузна Република Германија, по напорната борба на референдумот, од турската Влада очекува дека ќе воспостави дијалог, полн со почит кон сите политички и општествени сили во земјата“, се вели во заедничката изјава во којашто им се упатува благодарност на набљудувачите на ОБСЕ кои ја извршуваа својата должност во текот на референдумот во Турција.
Меркел и Габриел во заедничкото соопштение повикуваат на политички дијалог помеѓу Турција, Европската унија и останатите европски институции поради загриженоста околу предложените уставни промени.
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган во синоќешното постреферендумско обраќање отфрли било каква загриженост, истакнувајќи дека новиот претседателски систем ги одделува извршните, законодавните и правосудните тела и дека воведува потполно ефикасен административен систем.
Нешто повеќе од 51 отсто од гласачите на референдумот ги поддржаа уставните реформи во Турција, кои меѓу останатото предвидуваат јакнење на овластувањата на претседателот на државата, а укинување на функцијата премиер.