Ayhan Şimşek
27 Јуни 2017•Ажурирај: 28 Јуни 2017
БЕРЛИН (АА) - Германскиот и иранскиот министер за надворешни работи денес повикааа на директни преговори меѓу арапските земји и Катар, за да се пронајде дипломатско решение во врска со заливската криза, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на заедничка прес-конференција во Берлин, германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, ги повика сите страни во кризата со Катар да одбегнуваат понатамошни тензии и да побараат решение на преговарачката маса.
„Се надеваме дека сите засегнати страни ќе влезат во директни преговори колку што е можно побрзо. Понатамошните тензии нема да бидат во ничиј интерес“, вели тој.
Габриел предупреди дека понатамошните тензии меѓу Катар и неговите соседи уште повеќе ќе ја продлабочат кризата во регионот.
Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, изрази поддршка за повикот на Габриел за директни преговори меѓу Катар и арапските земји.
„Нашиот регион не може да толерира понатамошни тензии“, истакна тој, повикувајќи на политичко решение за кризата.
Претходно овој месец, Саудиска Арабија, Египет, ОАЕ, Бахреин и Јемен ги прекинаа своите дипломатски односи со Катар, обвинувајќи ја земјата за мешање во внатрешните работи на другите земји и за поддршка на терористичките групи.
Тие исто така поставија и копнена, морска и воздушна блокада на Катар.
Катарската Влада цврсто ги негираше ваквите обвиненија и нагласи дека блокадата преставува кршење на меѓународното право.