Furkan Abdula
18 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, придружуван од делегација од бугарското Министерство за одбрана, во рамките на официјалната посета во Македонија одржа средба со министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, јавува Anadolu Agency (AA).
По одржаната билатерална средба меѓу делегациите на македонското и на бугарското министерство за одбрана, предоводени од министрите Каракачанов и Шекеринска, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција.
Министерката Шекеринска изрази задоволство од посетата на бугарскиот министер во Македонија, и истакна дека денеска покажале на дело оти билатералниот договор што го потпишаа Македонија и Бугарија нема да остане само на зборови, и тој договор покажува дека двете држави се свесни оти само преку добрососедство, нашиот регион може да оди напред.
Шекеринска пренесе дека само преку развивање на добрососедски односи можат да ја гарантираат заедничката безбедност и напредокот на двете држави.

„Во изминатиов период, два експертски тима работеа сериозно на изработката на еден работен план за наша поблиска соработка и партнерство во делот на одбраната. И во принцип, денеска како министри можевме само да дадеме зелено светло таквиот план за соработка да продолжи и веќе да ги гледаме првите резултати од таквата соработка. Денеска се договоривме дека во текот на изработката на стратешкиот одбранбен преглед на Република Македонија, клучен документ за нашите реформи во одбраната и нашето членство во НАТО, дека ќе го искористиме и знаењето и искуството, и добро и лошо, коешто го помина Република Бугарија“, нагласи Шекеринска.
Таа посочи дека дискутирале за проширување на нивната соработка во делот на образванието, образованието во одбраната, со шанса да ги искористат можностите што Бугарија и досега ѝ ги нудеше на Македонија, меѓутоа, и образование во делот на воено-медицинската обука и школување.
„Едно посебно барање на коешто обрнавме повеќе внимание е и барањето од страна на Армијата на Република Македонија, за различни специјализирани курсеви коишто се неопходни и во воздухопловството, неопходни се и во различните родови на Армијата на Република Македонија, една серија обуки на механичари, серија специјализирани обуки што ќе ги зголемат капацитетите на Армијата на Република Македонија“, вели министерката за одбрана.
Таа пренесе дека ќе биде планирана заедничката воена вежба во 2018 година којашто ќе покаже многу јасно дека Македонија и Бугарија се одлучни да изградат добри соседски односи.

Македонската министерка упати благодарност до министерот за одбрана и до Владата на Република Бугарија бидејќи во овој изминат период сериозно застанаа во одбрана и во промовирање на нивната голема стратешка цел, а тоа е членството во НАТО. Таа додаде дека како соседна држава, таа соработка и поддршка е уште поважна, како држава која од следната година ќе председава со ЕУ.
„Основен приоритет на Република Бугарија во нејзиното претседавање во ЕУ ќе биде интеграцијата на Западен Балкан“, истакна бугарскиот министер Каракачанов, и додаде дека Бугарија ја поддржува кандидатурата на Република Македонија за членство во НАТО.
Каракачанов рече дека Бугарија отсекогаш ја поддржувала и продолжува да го поддржува единството на Република Македонија, и додаде дека тие немаат проблем со името Република Македонија.

Министерот за одбрана на Бугарија пренесе дека се подготвени да ја поддржуваат и да соработуваат со Македонија, за што побрзо и полноправно членство во НАТО.
„Се надевам дека за она што разговаравме денес во областа на воената соработка, обученоста на кадрите, воено-медицинските проблеми, па дури и социјалната политика меѓу двете министерства, ние ќе постигнеме резултати, со коишто ќе покажаме дека само со добрососедство, искрени и чесни односи, може да има поголема стабилност и ред во балканскиот регион“, додаде тој.