Ivana Ramadanova
23 Ноември 2017•Ажурирај: 23 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Владите на Република Македонија и Република Бугарија денеска во домот на АРМ во Струмица ќе ја одржат првата заедничка седница, јавува Anadolu Agency (AA).
Според агендата од владината прес-служба, заседанието ќе започне со разговори меѓу двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, по што ќе следи пленарната седница.
Се очекува да бидат потпишани документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и за реакции при природни катастрофи.
Во текот на седницата треба да биде потпишан и меморандумот за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и македонското Министерство за информатичко општество и администрација за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги, што го одобрија вчера владите на двете земји.
Од бугарска страна на седницата ќе учествуваат вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московски, Емил Караниколов, Теменужка Петкова и Николна Ангелкова.
Ова е прва меѓувладина седница, а во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија.
За време на посетата на премиерот Заев на Белград договорена беше и заедничка седница со Владата на Република Србија, која би требало да се одржи на крајот на февруари или на почетокот на март идната година.
Пред почетокот на пленарната седница премиерите Заев и Борисов ќе положат цвеќе пред споменикот на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски. Предвидена е и церемонија на врачување на специјализирано превозно средство за лица со попреченост, донација од Бугарија за општина Струмица.