Bekim Laci
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во министерството за Надворешни работи на Македонија, денес се одржа првата конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија, која претставува еден отворен форум на кој претставниците на институциите за креирање политика разговараат околу процесот на интеграција на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во својот говор на отварањето на конференцијата, истакна дека членството на Македонија во Европската унија (ЕУ) е прашање поддржанo од околу 80 отсто од граѓаните на земјата, што според него, дополнително ја обврзува владата да работи повеќе во оваа насока.
„Сакаме да ја зајакнеме комуникацијата и ја зајакнуваме со сите наши соседи, да се фокусираме на градење на еден нов дух, отворен дијалог, на градење мостови на соработка базирани на взаемна доверба и почит. Клучни, многу видливи резултати се двете заеднички седници на владите на Република Македонија и таа на Бугарија, и потоа, со таа на Албанија, нешто што не се случило од нашата независност“, рече Димитров.
Вицепремиерот задолжен за Европски прашања, Бујар Османи, во неговото обраќање пренесе дека новата влада за своја прва задаја го има враќањето на земјата на шините на интеграцијата во ЕУ за што зборува новиот про-ЕУ ентузијазм во Македонија кој, споед него, долго време недостасувал, што „во соработка со стратешките партнери на земјата е рефлектиран во владиниот план 3-6-9“.
„Локалните избори беа првиот приоритет како најважен тест на новата влада дали може да спроведе демократски и кредибилни избори. Јас денеска можам да кажам дека тој тест го поминавме успешно. Сега веќе сме кај останатите реформи, како што се реформите во судството, каде согласно препораките на Европската Комисија и на Советот на Европа, тука мислам на Венецијанската комисија и на ГРЕКО, ќе градиме независен, непристрасен и ефикасен судски систем ослободен од политичките притисоци“ истакна Османи, осврнувајќи се на реформите во разузнавачката служба како и реформите во админситрација и партнерство со медиумите.
На отварањето на конференцијата се обрати и американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, кој рече дека амриканската помош на оваа конференција фактички го рефлектира американскиот став во текот на годините на независноста на Македонија, кој е градење на една просперитетна демократија интегриран во НАТО и ЕУ.
Заменик-министерот за надворешни работи на Словачка, Иван Корчок, во неговото обраќање истакна: „Ние Словаците сме храбри и не се откажавме и станавме дел на ЕУ. Ова го кажувам како охрабрување“.
Тој додаде дека Словачка ја гледа Македонија како земја со перспектива, наведувајќи го фактот дека во Македонија има две големи словачки инвестиции.
Националната конвенција за Европската Унија ќе функционира како постојан форум за отворен дијалог помеѓу претставници институциите релевантни за ЕУ-интегративниот процес во земјата. Од овој дијалог треба да произлезат анализи и препораки за напредување и приближување на Република Македонија кон стандардите за зачленување во ЕУ.
Во текот на вечерните часови и утре, експерти од различни области ќе дискутираат на затворени сесии.