политика

Средба на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана: Борбата со пандемијата бара заедништво

„Ниту една земја не може да изгради ѕидови и да се заштити од пандемијата доколку целиот свет не се заштити. Само кога сите заедно се бориме со истиот непријател, ќе имаме подобри и побрзи резултати“

Ekipa  | 30.03.2021 - Обновена : 31.03.2021
Средба на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана: Борбата со пандемијата бара заедништво Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, оствари средба со министерот за одбрана на Народна Република Кина, генералот Веи Фенгхе, кој престојува во официјална посета на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Министерството за одбрана соопшти дека на средбата е потврдена долгогодишната билатерална одбранбена соработка, базирана на Спогодбата за соработка од 2004 година.

„Одбранбената соработка помеѓу двете земји е особено активна во доменот на военото образование и обука, изучувањето на кинески воени вештини и воените спортови“, се вели од Министерството.

Министерката Шекеринска се заблагодарила за поддршката на Кина во справувањето со последиците од пандемијата, која што во јули 2020 година за Армијата донира заштитна медицинска опрема во вкупна вредност од околу 250.000 долари.

„Ниту една земја не може да изгради ѕидови и да се заштити од пандемијата доколку целиот свет не се заштити. Само кога сите заедно се бориме со истиот непријател, ќе имаме подобри и побрзи резултати“, нагласила министерката Шекеринска, истовремено барајќи од министерот Фенгхе побрза испорака на кинеските вакцини во Северна Македонија.

Кинескиот министер за одбрана на средбата порачал дека одбранбената соработка меѓу Кина и Северна Македонија е добра, но постои простор за зајакнување на соработката во школувањето и воената обука, справувањето со кризи, во мировните операции и обуката на специјалните сили.

„70 земји во светот ја одобрија употребата на кинеските вакцини. Во Кина вакцинирани се 100 милиони луѓе. Како одговорна земја, Кина сака да придонесе да се доведе пандемијата под контрола“, истакнал на средбата кинескиот министер за одбрана.

Фенгхе, како што се истакнува во соопштението, најавил дека ќе се заложи за побрза испорака на кинеските вакцини во Северна Македонија, како и можност за поддршка на македонската Армија со кинески вакцини.

Кинескиот министер за одбрана беше примен и од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, и од премиерот Зоран Заев.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.