политика

Пендаровски: „Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување“

Претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на 12-та седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија даде изјава за медиумите

Husamedin Gina  | 30.03.2021 - Обновена : 01.04.2021
Пендаровски: „Државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека државата не смее да дозволи ниту еден граѓанин да не биде примен на болничко лекување, јавува Агенција Анадолија (АА).

Претседателот Стево Пендаровски по завршувањето на 12-та седница на Советот за безбедност на Република Северна Македонија даде изјава за медиумите.

Истакнувајќи дека земјата поминува низ најсилната фаза од пандемијата, Пендаровски рече дека капацитети на македонското здравство се оптоварени до својот максимум.

„Државата не смее да дозволи ниту еден наш граѓанин да не биде примен на болничко лекување. Од министерот Филипче добивме уверување дека такво нешто до сега не се случило, ниту пак ќе се случува од сега“, нагласи Пендаровски.

Тој истакна дека процесот на масовна имунизација ќе започне утре, и дека од надлежните побарал вакцинирањето да го организираат во најдобар ред за прекини во тој процес да не смее да има.

Претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на вакцинирањето на македонските граѓани во Србија, рече: „Такви слики едноставно не смеат да се повторат. Благодарност до Србија се разбира, но тоа беше срам за државата наша. Едноставно државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука.“

Пендаровски, исто така, истакна дека се верувало во Ковакс системот и во Солидарниот фонд на ЕУ, но дека тие задоцниле со месеци, нагласувајќи дека тоа не треба да биде оправдување.

Меѓу другото, претседателот упати личен апел до приватните болници да ги намалат цените за лекување на Ковид-пациентите и им порача дека никој не треба да ги искористува личните трагедии за профит.

На Советот за безбедност, како што истакна, договорено е функционерите да се пријават за вакцинација преку веб-страницата на Министерството за здравство и да се вакцинираат тогаш кога ќе им дојде редот, како и на сите други граѓани.

Пендаровски по денешната седница на Советот за безбедност го поздрави договорот што вчера го постигнаа лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека очекува да види и имплементација на тој договор.

На денешната седница, покрај редовните членови, присуствуваа и министерот за здравство, Венко Филипче, и директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски.

Редовни членови на Советот за безбедност на Република Северна Македонија се: претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ Ненад Марковиќ, професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Ветон Љатифи и поранешниот министер за одбрана и универзитетски професор Трајан Гоцевски.








На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.