политика

Средба на Пендаровски со Пахор и Милановиќ на самитот Брдо-Бриони

На средбите е истакнато дека интеграцијата на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ ќе придонесе кон трајна стабилизација на регионот, како и негов просперитет

Ekipa  | 17.05.2021 - Обновена : 18.05.2021
Средба на Пендаровски со Пахор и Милановиќ на самитот Брдо-Бриони Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на самитот на Процесот Брдо-Бриони, во Брдо кај Крањ, оствари одделни средби со претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, и со претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението на Кабинетот на претседателот, Пендаровски на средбата со Пахор истакнал дека Северна Македонија силно ги вреднува одлучноста и поддршката од Словенија кон политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, како и најавата дека тоа ќе биде меѓу врвните приоритети во агендата на претседавањето на Словенија со Советот на Европската Унија во втората половина на 2021 година.

Пендаровски посочил дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговарачкиот процес, и дека земјата останува посветена на исполнување на надворешно-политичката цел, односно полноправно членство во ЕУ.

Двајцата претседатели разговарале и за состојбата со пандемијата на Ковид-19, како и за справувањето со последиците од неа.

На средбата со претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, Пендаровски изразил благодарност за континуираната поддршка за европските аспирации, потврдена за време на шестмесечното хрватско претседавање со Советот на Европската Унија, кога е донесена и одлуката за отворање на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата е истакнато дека интеграцијата на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан во ЕУ ќе придонесе кон трајна стабилизација на регионот, како и негов просперитет.

Според соопштеното, двајцата соговорници размениле информации и за актуелните состојби во двете држави во контекст на справувањето со пандемијата на Ковид-19, како и за предизвиците во справувањето со последиците.

На средбата е договорена и посета на претседателот Пендаровски на Република Хрватска и продолжување на дијалогот меѓу двете земји на највисоко ниво.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.