Abdula Berisha
20 Декември 2022•Ажурирај: 21 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Туркије (ТБММ), Мустафа Шентоп, во рамки на неговата официјална дводневна посета во Скопје се сретна со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Владата на Северна Македонија, на состанокот се потврдени традиционално добрите односи помеѓу двете држави коишто бележат унапредување. Тоа, како што е констатирано, може да се согледа и од фактот што Туркије е меѓу најголемите трговски партнери на Северна Македонија, дека во државата има и значителен број турски инвеститори кои веќе инвестираат, или се заинтересирани за инвестирање.
„На средбата е пренесен поздрав од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до премиерот Ковачевски и силна поддршка од Република Туркије за напредокот на Република Северна Македонија во делот на евроинтеграциите, по почетокот на преговорите. Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија се значајни за перспективите на нашата земја, но и за стабилноста на целиот регион, како и на Европа", стои во соопштението.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за значајното, искрено, долгогодишно и континуирано пријателство и поддршката од Република Туркије за Северна Македонија од осамостојувањето до денес, што продолжува да се развива во рамки на партнерството на двете држави во НАТО.
Во таа насока, според соопштението, посебно е истакната соработката во областа на одбраната.
Разговарано е и за значењето на поддршката од Туркије и соработката во областа на енергетиката.
На средбата, во пресрет на утрешниот празник на турската заедница во земјата, 21 Декември - Денот на наставата на турски јазик, премиерот Ковачевски нагласи дека Владата останува посветена на развојот на Северна Македонија како успешен пример на мултиетничка, функционална демократија во регионот и во Европа. Во рамки на овие определби е посочено и на поддршката за отворање нови паралелки на турски јазик во училиштата во земјата.
На состанокот посебно е истакната соработката во областа на културата помеѓу Северна Македонија и Туркије, што резултира и со отворените културни центри во Скопје и во Истанбул, како и реализацијата на други проекти што се во насока на унапредување на соработката на овој план.