Abdula Berisha
22 Декември 2022•Ажурирај: 23 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, имаше обраќање во Собранието на Северна Македонија, на кое освен пратениците, присуствуваа и претставници на извршната власт предводени од премиерот Димитар Ковачевски, челниците на најважните државни институции, верските лидери, како и странските амбасадори, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор претседателот Пендаровски рече дека од независноста на Северна Македонија, во овие триесет и една година, немало подолг период на мирен развој на државата. Според него, мноштво фактори го лимитираа развојот и ги исцрпуваа ресурсите на нацијата, а дел од кризите беа предизвикани од екстерни фактори.
Пендаровски истакна дека за неповолните внатрешни состојби во државата, најголем дел од одговорноста паѓа врз грбот на домашните политичари и политички партии.
„Кога довербата во институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност. Во таков амбиент, популизмот и авторитарните тенденции кои се во подем, полесно ја реализираат својата цел, бидејќи демократијата не покажува доволно ниво на резистентност. Кога клиентелизмот и партиската лојалност се критериум за вработување и напредување во кариерата, не треба да изненадува слабоста на институциите“, рече претседателот Пендаровски.
Зборувајќи за војната во Украина, Пендаровски го оправда потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, со кој се реши спорот за името и се овозможи зачленување на земјата во НАТО.
„Агресијата на Русија врз Украина ги наруши пазарите за храна и енергија во светот, но пред сѐ, безбедносната инфраструктура во Европа создадена по падот на комунизмот. Иако Западниот Балкан е навидум доволно далеку од тој крај на светот, не може да се исклучи дека во одреден контекст е можно зголемување на тензиите и во нашиот регион“, рече Пендаровски.
Тој упати повик до Европската Унија дека Северна Македонија очекува новиот фокус кон регионот да не биде само епизода предизвикана од војната во Украина.
„За одржување на кредибилитетот на интегративниот процес, Европа не смее да дозволи Западниот Балкан да го држи во фокусот само кога има војни или мигрантски кризи. Поддршката за Унијата меѓу граѓаните драматично опаѓа, се наоѓаме на критична точка и ова е последната шанса да ја сочуваме мнозинската поддршка“, рече Пендаровски.
Тој потсети дека оваа година државата направи сериозен исчекор и во правец на зацврстување на стратешките односи со САД, при што ова лето прва од регионот го започна стратешкиот дијалог.
- „Правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки“ -
Претседателот Пендаровски изрази убедување дека надворешната политика предолго ја определува динамиката на политичките процеси во државата, додавајќи дека е потребен фокус на внатрешен план.
Тој истакна дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат институциите и избраните политички претставници на граѓаните.
„Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви“, рече Пендаровски.
- Демографијата, најголемата опасност за нашата национална безбедност -
Зборувајќи за резултатите од пописот објавени оваа година, Пендаровски истакна дека тие само ни потврдија дека најголемата опасност за нашата национална безбедност останува да биде демографијата.
Тој додаде дека според проекциите на Обединетите нации, до 2050-тата, доколку се задржат овие трендови, земјата ќе брои само околу еден милион жители, од двата милиони колку што броеше кога се конституира државата.