Furkan Abdula
21 Декември 2018•Ажурирај: 22 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Делегација предводена од Ибрахим Калин, портпаролот на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, која е во посета на Република Македонија, се состана со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на турскиот претседател Ердоган, Ибрахим Калин, советникот за Западен Балкан на претседателот Ердоган, Сабри Демири, претседателот на Канцеларија за развој и соработка (ТИКА) Сердар Чам, заменик претседателот за верски прашања Селим Ергун, амбасадорката на Репубика Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара, во Владата на Република Македонија, се состанаа со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски и владина делегација.
На средбата присуствуваа и заменик министерот за образование и наука на Република Македонија Петар Атанасов и пратеникот во Собранието на Република Македонија, Мухамед Зекири.
По средбата, прес-служба на Владата на Република Македонија соопшти дека делегацијата на Република Македонија на гостите од Република Турција им го честиташе празникот велејќи дека „ова е празник и за Република Македонија, имајќи ги предвид одличните билатерални но и традиционални односи со нивната земја" .
„Националниот Координатор Пендаровски истакна дека Република Македонија, од почетокот на своите аспирации за членство во НАТО во Република Турција има не само сојузник, но и верен пријател со кој ќе продолжи да ја одржува соработката и по влезот на Македонија во НАТО алијансата", соопштија од Владата на Македонија.

Заменик министерот Атанасов, осврнувајќи се на мултикултурниот карактер на Република Македонија, пред гостите ја изложи непоколебливоста на Владата и премиерот Заев за афирмирање на мултикултурноста како вистинска вредност на едно општество за сите граѓани на Република Македонија, а во таа заложба турската заедница во Македонија е од исклучителна важност преку своите придонеси во целокупното општествено живеење, се вели во соопштението.
Во соопштението на Владата на Република Македонија се додава и дека портпаролот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, на средбата истакна дека „Македонија е многу важна држава за Република Турција и за турскиот народ, посебно затоа што многу големи личности во Турската историја потекнуваат од овие простори, меѓу кои и авторот на химната на Република Турција и голем број на пратеници во турскиот парламент."
Поради тоа, како што истакна тој, е и големиот интерес на турски бизнисмени да инвестираат во Република Македонија, што е придонес на Турската бизнис заедница кон економско зајакнување на Република Македонија.
„Делегацијата од Република Турција искажа недвосмислена поддршка на патот на Република Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, и, како што беше речено на средбата, Република Турција, таквите заложби на Република Македонија ќе ги поддржува постојано, со целиот капацитет на своите институции", стои во соопштението на Владата на Македонија.