БЕЛГРАД (АА) - „За Србија би било многу важно Договорот постигнат во Преспа (Договор меѓу Грција и Македонија за името „Северна Македонија“), да се спроведе во дело, бидејќи тоа би значело дека Северна Македонија станува еден вид мост меѓу Србија и Грција и дека повеќе немаме никаков ѕид тука“, изјави претседателот на Србја Александар Вучиќ, по состанокот со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, кој престојува во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ рече дека реализацијата на тој договор (Договор од Преспа) во регионална смисла би значела додатно зближување на Белград и Атина и подобра поврзаност на двата народи.
Вучиќ на прес-конфернцијата со Ципрас изрази благодарност до Грција за поддршката на територијалниот интегритет на Србија, велејќи дека Грците добро ја разбираат позицијата на Србија, и се заблагодари на грчката поддршка за европскиот пат на Србија.
„Србија и Грција имаат добри и искрени, пријателски односи, а српскиот народ и граѓаните ја доживуваат Грција и грчкиот народ како искрен сојузник и пријател. Србија сака тие добри односи понатаму да ги унапредува и да гради уште подобри економски односи меѓу двете земји“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Двајцата високи официјални претставници разговарале, како што извести српскиот претседател, за сите важни регионални прашања и за прашањата релевантни за двете земји.
Тој пренесе и дека му кажал на Ципрас со какви маки Србија се соочува на Косово, кога станува збор за формирањето на Војската на Косово, што, според зборовите на Вучиќ, е сторено спротивно на меѓународното право и локалното законодавство, како и со одлуката на Косово да воведе 100 % такси за стоката од Србија, што го нарече спротивно на рационално однесување.
Претседателот на Србија извести дека прв пат по повеќе години се зголемила трговската размена меѓу двете земји за околу девет отсто, и дека очекува оваа година да изнесува повеќе од 500 милиони евра.
Вучиќ со Ципрас разговараше и за можностите за подобра сообраќајна поврзаност, посебно кога станува збор за железницата на релација Белград - Солун - Атина. Нагласи дека Србија завршува дел од автопатиштатата низ својата територија, јужниот крак на Коридорот 10, што би требало да го олесни посебно товарниот сообраќај низ Србија кон границите со соседите, и изрази надеж дека наскоро ќе биде решено и прашањето за воведување брзи пруги и возови.
Доколку дојде до реализација на Договорот од Преспа, Вучиќ најави дека би можела да биде одржана и трилатерала меѓу Србија, Грција и Македонија.
Делегациите на двете земји на состанокот разговараа и за подобро телекомуникациско поврзување, а српскиот министер за туризам, трговија и телекомуникации, Расим Љајиќ, извести за напредокот на разговорите во таа област.
„Ќе одиме на снижување на цените за телефонски услуги меѓу нашите земји“, изјави Вучиќ, додавајќи дека претстојат разговори со бугарскиот и романскиот премиер, коишто утре доаѓаат во Белград, пред сè, за организација на претстојните српски настани, како што е Европското првенство во женска одбојка.
Односите меѓу Грција и Србија со години се засновани на блиските историски и културни врски, а во последен период се зајакнати. Напоменато е дека Ципрас како премиер трет пат доаѓа во Белград и дека смета оти соработката со претседателот на Србија напредувала, имајќи заедничка цел и визија.
„Но не се потпираме само на чувствата меѓу народите, туку и на заедничката визија за соработка, стабилност и благосостојба, да пристапиме на решавањето на проблемите, за нашите земји да станат бедем на позитивни случувања на Балканот и пошироко, во регионот. Таа визија доведе до идеи да ги зајакнеме билатералните односи и да пристапиме на клучната и суштинска соработка со Романија и Бугарија во низа проекти од економски интерес, како што е сообраќајно поврзување, трговија и инфраструктура. Тоа би требало да даде посебно значење во развојот на регионот“, изјави Ципрас.
„Србија за Грција претставува земја од стратешко значење за безбедноста во регионот, поради тоа што Грција континуирано го поддржува европскиот пат на Србија, бидејќи тој води кон стабилност на Балканот и ја покажува перспективата на Србија во наредните години“, изјави Ципрас.
Тој се осврна на последните случувања и потези на властите на Косово, велејќи дека воведувањето такси на стоката од Србија и БиХ претставува „неприфатлива активност на Приштина“, и дека обидот за создавање косовска Војска не придонесува за перспективата на стабилност на регионот, туку предизвикува дестабилизација.
„Вучиќ и Владата на Србија имаат тешка работа. Знам дека е многу тешко да останете и притоа да се обидувате да пронајдете решение, но вие морате да останете на тој пат. Сакам да пратам порака на осудување на работите што ги спроведува Косово, кое фрла масло на оган. Сакам да ја поддржам Србија на патот за пронаоѓање решение, бидејќи тоа е перспектива која Србија ја има за да ја одржи стабилноста во регионот“, изјави Ципрас.
Тој потсети дека Грција покажала дека е земја која игра улога на стабилизатор во регионот и дека тоа го потврдила со Преспанскиот договор постигнат по 30 години со земјата на која и Грција и Србија ѝ се соседи.
„Нема да биде претерување ако кажам дека тоа беше земја која ја претставуваше сивата зона меѓу нас, и како што рече Вучиќ, нема да имаме повеќе ѕид, туку мост меѓу нас. Договорот (од Преспа) ќе им помогне на Грција и Србија уште повеќе да ја развијат својата соработка и во економијата и во други проекти кои ќе го поддржат нашето поврзување“, додаде премиерот на Грција.
Ципрас рече дека по спроведувањето на Договорот од Преспа, забрзано создадавање железнички коридор „кој ќе ги поврзува Белград, Солун, Скопје и Будимпешта.“
Тој рече и дека разговарале за поврзувањето во телекомуникациска смисла, соработката во областа на обновливите извори на енергија и спорт. Наведе дека, меѓу останатото, Грција, Србија, Бугарија, Романија имаат за цел да се кандидираат за организација на Европското фудбалско првенство 2028 година.
Ципрас додаде дека разговарале како да ги искористат европските инструменти во реализација на заеднички проекти, и што полесно да ги искористат грчките инвестиции во Србија. Најави договор за стратешка соработка на Грција и Србија на пролет наредната година.
Во одговор на новинарското прашање, српскиот претседател изјави дека сите проблеми на Балканот треба да се решаваат на мирен начин и да се зачува стабилноста, додавајќи дека верува оти напорите што ги прават грчката Влада и премиерот Ципрас за унапредувањето на односите со соседите се нешто од кое сите можат да научат.
Тој додаде дека ситуацијата, кога станува збор за Косово, е покомплицирана и оптоварена со тешкото минато. Велејќи дека Србија ќе продолжи да разговара и бара компромис, Вучиќ нагласи дека Србија мора да се однесува рационално и нормално, иако тоа во односите со Албанците од Косово не донесува резултат и изрази надеж дека ЕУ и САД ќе извршат значаен притисок на косовските власти за да се повлече одлуката за 100-процентната такса на стоката од Србија.
news_share_descriptionsubscription_contact
