политика

Северна Македонија: Затворска казна од 25 години за организаторите на нападот врз Собранието

Пред да ги прочита пресудите, судијата нагласи дека иако тогашната владејачка партија и обвинетите тврдат дека немаат никаква врска со организацијата на протестите што кулминираа со напад на Собранието на 27 април, доказите го покажале спротивното

Nazmi Abduramani  | 26.07.2021 - Обновена : 27.07.2021
Северна Македонија: Затворска казна од 25 години за организаторите на нападот врз Собранието

СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот претседател на Собранието на Северна Македонија, Трајко Вељаноски, денес во Основниот кривичен суд доби затворска казна од 6 години и 6 месеци, поранешните министри Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски добија затворска казна од по 6 години и 3 месеци, додека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски, доби затворска казна од 6 години за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ за организирањето на нападот врз Собранието на 27 април 2017 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Во овој случај се обвинети и две други лица, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот вработен во УБК, Никола Бошковски, но не е започната постапка против нив поради тоа што се во бегство.

Пред да ги прочита пресудите, судијата нагласи дека иако тогашната владејачка партија и обвинетите тврдат дека немаат никаква врска со организацијата на протестите што кулминираа со напад на Собранието на 27 април, доказите го покажале спротивното.

Според пресудата, Трајко Вељаноски, како претседател на Собранието, бил во постојана комуникација со Никола Груевски. Намерно го откажал избирањето на новиот претседател на Собранието, односно го спречил мирното примопредавање на власта. Од друга страна, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески активно учествувале во организирањето на протестите. Улогата на обвинетиот Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК, била да ги координира патриотските здруженија и да се грижи за тоа да нема доволно полициски сили пред и во Собранието.

Според Обвинителството за организиран криминал и корупција, обвинетите точно знаеле што прават и направиле сè со цел да се спречи формирањето на новата влада од страна на новото парламентарно мнозинство, кое сега веќе е обезбедено.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.