Ayşe Doğru
24 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
СЕУЛ (АА) - Севернокорејските власти и покрај специјалниот однос меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, обвинувајќи ги официјалните претставници на САД за непријателство против нив, упатија порака до Вашингтон „да се однесува мудро“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на КЦНА (KCNA), советникот во Министерството за надворешни работи, Ким Кје Гван, истакнал дека постои блиска соработка меѓу Трамп и Ким Џонг Ун и дека двајцата лидери веруваат и меѓусебно се почитуваат.
Советникот Ким, истакнувајќи дека лидерот на Пјонгјанг и Трамп имаат добри односи, рече: „Покрај политичката проценка и намерата на претседателот Трамп, политичките кругови на Вашингтон и тие во американската администрација, што ја водат политиката кон Северна Кореја, делуваат со менталитетот на Студената војна и без причина се непријателски расположени кон Северна Кореја.“
„Ако се сака, секако може да се најде пат. Сакаме да видиме колку САД ќе делуваат паметно до крајот на годината“, нагласи советникот Ким.
Разговорите меѓу Северна Кореја и Соединетите Американски Држави започнати во Шведска на 5 октомври беа прекинати на првиот ден. Администрацијата на Пјонгјанг соопшти дека Северна Кореја нема намера да ги продолжи овие „досадни преговори“, освен ако американската страна не преземе задоволителни чекори за промена на својот непријателски пристап.
Од друга страна, главниот преговарач на Северна Кореја, Ким Мијонг Гил, рече дека продолжувањето на процесот на преговори зависи од позицијата на САД и дека на Вашингтон му е дадено време до крајот на годината.
- Самити меѓу Трамп и Ким
Претседателот на САД, Доналд Трамп, и водачот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, се сретнаа за прв пат на историскиот самит во Сингапур на 12 јуни 2018 година, и се согласија за Корејски Полуостров без нуклеарно оружје и постојан мир.
На 26-27 февруари 2019 година, двајцата лидери се состанаа уште еднаш во Ханој, главниот град на Виетнам, но самитот заврши побрзо од очекуваното и без договор.
Трамп во однос на средбата со Ким истакна: „Тие побараа целосно укинување на санкциите. Ние не бевме подготвени да го сториме тоа. Затоа не се договоривме.“
По вториот самит во Виетнам, преговорите дојдоа до точка на прекинување.
Трамп и Ким, за последен пат, неодамна се сретнаа на 30 јуни во „разоружената зона“, која се наоѓа меѓу Северна и Јужна Кореја, и решија да го продолжат процесот на нуклеарните преговори.