Admir Fazlagic
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија Зоран Заев на покана на премиерот Џузепе Конте ја посети Република Италија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, во своето обраќање на прес-конференцијата по средбата со италијанскиот премиер Конте, премиерот Заев во името на граѓаните на Северна Македонија, се заблагодари на Италија за ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, кој е ратификуван во парламентот на оваа земја.
„Ние ќе бидеме 30-тата земја членка и преку тоа го зајакнуваме и нашето партнерство со Република Италија", рече Заев, упатувајќи и благодарност до италијанскиот премиер Конте за поканата за средбата, за која рече дека доаѓа во момент кога на Северна Македонија ѝ треба поддршка на нејзиниот евро-атлански пат.
„Тој тоа на дело го покажа на Европскиот совет на 17 и 18 октомври оваа година, а оваа средба докажува дека тој продолжува со искрените напори за донесување вистинска одлука во наредниот период за нашата земја. Ние тоа високо го цениме, а Италија и премиерот Конте ги сметаме за незаменливи партнери и пријатели на Република Северна Македонија и на целиот Западен Балкан", рече Заев.
Тој изјави дека по одлуката на Европскиот совет од овој месец, граѓаните на Северна Македонија почувствувале разочараност и неправда.
„Ова чувство го сподели и речиси целата Европска Унија и нејзините држави членки. Многумина коментираа дека се случи историска грешка. Таа историска грешка има време и начин да се исправи во наредниот период и ние сме подготвени заедно со партнерите од ЕУ да работиме на тоа. Цел на сите наши напори во реформите и во решавањето на споровите со соседите за градење добрососедски односи е да ја направиме нашата држава современа, просперитетна и европска демократија", потенцираше Заев.
Тој додаде дека во овој момент „какви било алтернативни или експериментални идеи како евентуална замена за членството во ЕУ, можат да бидат опасност за стабилноста и за напредокот на Западниот Балкан."
„Ние сме целосно согласни дека процесот на преговори треба да биде зајакнат, поефикасен, посуштински и да овозможува реверзибилност кога за тоа има потреба. Но исто така сме убедени дека процесот на реформи на методологијата за преговори и на иднината на ЕУ можат и мораат да течат паралелно со почетокот и текот на преговорите со Северна Македонија и другите држави во регионот", изјави премиерот на Северна Македонија и додаде:
„Најдобро за нас и најдобро за ЕУ е да има жив, активен процес кој ќе ни помогне во реформите кои и онака сме решени да ги правиме во наш интерес."
Изрази надеж дека дискусијата за новата методологија и за почеток на преговори со Северна Македонија до Самитот во Загреб следната година ќе се заокружи во интерес на сите.
Заев во своето обраќање се осврна на како што рече, добрите билатерални односи помеѓу Северна Македонија и Италија, како и одлична трговска размена.
„Во 2018 имавме 650 милиони евра трговска размена која е за 13% поголема од 2017, додека само првото полугодие на 2019 е 373 милиони евра, значи оваа година ќе имаме над 700 милиони евра трговска размена помеѓу нашите две земји", изјави Заев, повикувајќи ги италијанските бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија.