Admir Fazlagic
28 Мај 2017•Ажурирај: 29 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на Движењето БЕСА Билал Касами на денешната прес конференција по седниците на централното претседателство и централниот совет претседателот на Беса, изјави дека не постигнале договор со Социјал демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за влегување во новата Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи за причините поради кои не постигнале договор со СДСМ за влегување во новата Влада, Касами рече дека мандатарот Заев не бил подготвен да го потпише договорот, за како што вели, заедничко владеење и да ги прифати нивните принципи.
„БЕСА нема да биде во новата Влада бидејќи мандатарот не беше подготвен за заедничко владеење и за тоа, да потпише заеднички договор. Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивен фактор во Република Македонија, да ги штитиме правата на правата на Албанците, но и интересите на сите граѓани. БЕСА ќе поддржи секоја иницијатива на новата Влада која ќе биде во интерес на Албанците и државата", истакна Касами на прес конференцијата.
Меѓу другото, лидерот на БЕСА, Касами, рече дека остануваат на своите принципи, а тоа е редефинирање на државата, заедничко владеење и балансирана власт, притоа појаснувајќи дека редефинирањето значи Македонија да биде држава на сите граѓани кои живеат во неа.
Претходно од СДСМ преку соопштение информираа дека во преговорите со БЕСА, покрај тоа што се согласиле дека ја споделуваат определбата за итни реформи за демократски и европски развој на Македонија, за одреден дел прашања не постигнале договор.
„Оставаме отворени врати за соработка околу поддршка на реформите што престојат во Република Македонија, како и за се друго од заеднички интерес за сите граѓани на нашата земја”, се наведува во соопштението.
Инаку, Движењето БЕСА е еден од политичките субјекти кои потписите на своите пет пратеници ги даде на лидерот на СДСМ Зоран Заев за формирање на парламентарно мнозинство од 67 пратеници, по одржаните предвремени парламентарни избори на 11 декември минатата година.
Другите партии кои го сочинуваат парламентарното мнозинство се СДСМ која освои 49 пратенички мандати, ДУИ - 10 а Алијанса на Албанците - 3.